Русија лансираше дронови, проектили и бомби кон Киев и Харкив синоќа и ноќеска, при што загинаа четворица луѓе, а 15 се ранети.
Во нападот врз Харкив сериозно е оштетена историската зграда Держпром, едно од обележјата на градот. Сместена на централниот плоштад Слобода, Держпром е еден од најзначајните примери на конструктивистичката архитектура во светот и прв модерен облакодер изграден во Советскиот Сојуз, во 1928 година.
Деветмина луѓе се повредени во нападот врз оваа зграда, која УНЕСКО ја стави под привремена заштита пред две години.
„Держпром, најпознатата зграда во градот, не беше уништена за време на Втората светска војна, а сега Русите се обидуваат да ја уништат. Болно е да се гледа тоа“, изјави гувернерот на регионот Харкив, Олег Синегубов.