СО САМО ШЕСТМИНА РАДИОЛОЗИ-СУБСПЕЦИЈАЛИСТИ ЗА РАК НА ДОЈКА СЕ ЛЕКУВААТ ИЛЈАДНИЦИ БОЛНИ ВО ЗЕМЈАВА

    СО САМО ШЕСТМИНА РАДИОЛОЗИ-СУБСПЕЦИЈАЛИСТИ ЗА РАК НА ДОЈКА СЕ ЛЕКУВААТ ИЛЈАДНИЦИ БОЛНИ ВО ЗЕМЈАВАД-р Тања Петровска кажа дека одѕивот на пациентите на скрининг програмата е околу е 45 отсо. (Фото: СДК.МК)

    Само шестмина радиолози-субспецијалисти работат со жените кои прават скрининг за откривање рак на дојка или за постоперативната состојба на овие пациентки. Слаб е и одѕивот за контролен скрининг кој изнесува околу 45 отсто. Ова беше кажано на трибина одржана во Велес наменета за превенција од рак на дојка во кампањата розов октомври, организирана од Министерството за здравство.

    „Во државата сме шест субспецијалисти по радиодијагностика и ја покриваме цела Македонија. На работа имаме термини за шест-седум пациентки, толку е можно еден доктор во работно време да прегледа. Имаме голем број пациенти на кои треба да им ги напишеме наодите. Затоа наодите ги читаме дома, кога ни завршува работното време. Време се губи додека се добие це-де со снимката. Немаме ПАК систем каде може да се најдат сите снимки и радиологот веднаш да ги чита. Резултатите од скринингот треба да ги добиваат во рок од две недели. За жал, невозможно е тоа да се постигне“, кажа д-р Тања Петровска, субспецијалистка по гинеколошка и мамодијагностика при хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ од Скопје и професорка од Факултетот за медицина Штип.

    Ракот на дојка е водечка болест со висока смртност кај жените, ако не се преземат соодветни мерки. Една на осум жени заболува според статистика на светско ниво, кај мажите еден од 800 заболува од карцином на дојка.

    За да се избегнат чекањата за термини, беше презентиран новиот систем на скрининг, кој ги одвојува здравите и болните пациентки, кои мораат да дојдат на контрола. За тоа е потребна пријава на сајтот за скрининг. 

    „Потребно е пациентката да одговори на 23 прашања, по што ќе биде познато дали добива термин. Ако се најде наод промена кај пациентката од двата радиолози-субспецијалисти, дека има потреба од дополнителни претраги, тие пациентки се повикуваат на дополнителни прегледи. Тоа се ултразвук, биопсија, патолошка и цитолошка анализа. Не секоја грутка во дојка е карцином, може е циста“, рече д-р Петровска.

    Таа изрази нездоволство од одѕивот на пациентите на скрининг програмата, кој е 45 отсто, и поголемиот дел од жените кои добиле термин за снимање приоѓаат несериозно односно не доаѓаат. Ако пациентката не може да дојде, нека го откаже терминот, за да дојде друг пациент, рече таа.

    Македонка Икономова-Давчева од здружението „Љубов сме, еми дашури“ ги потврди овие податоци, дека пациените од Велес се носечки по случаи.

    „Велес е број еден со карцином на дојка во Македонија. Мора да се подигне свеста кај граѓаните, со помош на матичните доктори, докторите во болница, новинарите. Карциномот не е само проблем на пациентот, туку и на цела фамилија. И не е само за жени, имаме пациент од 34 години од Велес кој се лекува во Скопје“, рече Икономова-Давчева.

    Можно решение за намалување на бројот на случаи е Центар за дојка. Ова го побара д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на матични лекари на Македонија.

    „Недостигаат Центри за дојки, тие се потребни, како и поголем број на радиолози. Недостига кадар за брзо дијагностицирање. Велес предводи во рак на дојка во Македонија. Во земјава има илјада нови случаи годишно“, рече д-р Чолакова-Дервишова.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира