ПО 5 МЕСЕЦИ ОТКАКО СЕ СРУШИ ЅИДОТ ЗАД ДЕТСКА КЛИНИКА, ИНСТИТУЦИИТЕ СЕ ДОГОВОРИЈА ДЕКА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ТРЕБА ДА ГО ПОПРАВИ

    ПО 5 МЕСЕЦИ ОТКАКО СЕ СРУШИ ЅИДОТ ЗАД ДЕТСКА КЛИНИКА, ИНСТИТУЦИИТЕ СЕ ДОГОВОРИЈА ДЕКА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ТРЕБА ДА ГО ПОПРАВИДел од потпорниот ѕид се урна на 10 јуни, а институциите Министерство за здравство, Град Скопје и Општина Центар со денови се правдаа и негираа кој е надлежен, а кој не е надлежен. (Фото: К. Попов)

    Министерството за здравство треба да почне со изградба на ограден/потпорен ѕид зад Клиниката за детски болести како привремено решение, чиј дел се сруши на 10 јуни, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК) по денешната координативна средба на тема „Загрозување по животот и здравјето на луѓето и по материјалните добра од подземните води, одрон и рушење на потпорниот/оградниот ѕид на улица Бeлградска кај Детска клиника“.

    Дел од потпорниот ѕид се урна на 10 јуни, а институциите Министерство за здравство, Град Скопје и Општина Центар со денови се правдаа и негираа кој е надлежен, а кој не е надлежен. На состанокот во ЦУК на 17 јуни, Драги Тарчуговски, државен советник во институцијата, кажа дека урнатиот потпорен ѕид зад Детската клиника во Скопје треба да го поправи Министерството за здравство, бидејќи е ограда на еден објект од комплексот универзитетски клиники. На тој состанок немаше претставник од Министерството за здравство.

    На денешната средба, како што велат од ЦУК, присуствувале сите поканети претставници и тоа од Министерство за здравство, Град Скопје, Општина Центар, Инспекциски совет, Министерство за внатрешни работи и вработените од ЦУК, Тарчуговски и лица од Секторот за операции и координација на ЦУК, коишто непосредно се ангажирани за конкретната проблематика за координација за решавање на опасноста.

    „Министерството за здравство, согласно решението и заклучокот од градежниот инспектор на Општина Центар да започне со изградба на ограден/потпорен ѕид како привремено решение, а Град Скопје да изработи динамика и да започне активности за изработка на нов сообраќаен проект во координација со СВР Скопје со којшто би се редуцирало движењето на тешки товарни возила“, се дел од заклучоците.

    Истовремено при активностите за изградбата на потпорниот ѕид, Град Скопје ќе организира пресадување на дрвјата на трасата на улица Белградска, а за трајно, долгорочно, решавање на проблемот, Град Скопје е потребно, во координација со останатите надлежни институции, да изготви нова хидролошка студија и студија за заштита на подземните води на падините на Водно, врз основа на којашто би се преземале трајни мерки за изградба на нова улица со потребната каналска мрежа и нејзино асфалтирање.

    Уште на 10 јуни, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов кажа дека под улицата Белградска постои систем од шахти и подземни канали чија сопственост не може да се утврди. Не ја собират подземната вода која доаѓа од падините на Водно и избива во самиот ѕид и со тоа дополнително ја нарушува стабилноста на ѕидот, но и на улицата.

    „Долгорочно проблемот е многу посериозен и поголем доколку опфаќа целосно зафаќање на подземните води, затоа што дел од каналската мрежа е изградена во 1950-тите години и е уништена, затрупана, а дел се одржуваат. Целосно одржување на тој систем во моментов не е можен, поради што е потребна реконструкција и изградба на целосно нов систем, што е долгорочно решение, кое би траело со години, можеби и цела деценија. Но тоа е државен проблем кој ќе се решава во иднина. Што можеме да направиме акутно и веднаш. Тоа е поправка на оградата која е во надлежност на Министерството за здравство, бидејќи е ограда за еден објект. И тоа ќе се реши во наредниот период од Министерството“, кажа Тарчуговски на 17 јуни.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира