Издавачките куќи ќе може да учествуваат со веќе подготвени учебници и тие ќе ја имаат обврската за печатење е новината во Предлог-законот за учебници, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска. Предложениот текст за новиот закон, што го изработи Министерството за образование, е ставен на Електронскиот национален регистер на прописи (ЕНЕР), и како што рече Јаневска, јавноста ќе може во наредните 20 дена да дава сугестии.
„Новина е што им даваме на издавачките куќи да учествуваат со веќе подготвени учебници кои потоа во процедура на избор, одобрување од Бирото за развој на образованието, рецензија од Националната комисија, би биле избрани и обврската за печатење се префрла на издавачките куќи кои со договор ќе бидат обврзани да ги достават учебниците до 1 септември. Постапките кои се почнати до сега, ќе продолжат по старите постапки затоа што обврска ни е да ги завршиме. Според првава година, ќе видиме дали повеќето од постапките ќе можат да се префрлат на издавачките куќи, а очекуваме да добиеме подобар квалитет на учебници и поголема ефикасноста за да не се доведеме во ситуација на 1 септември да немаме учебници“, кажа Јаневска на новинарско прашање на завршната конференција на ИПА проектот „Подобрување на квалитетот на образованието“.
Б. НЕСТОРОСКА