СЕГА НЕМАМ БУГАРСКИ ПАСОШ, ВО МИНАТОТО ГО ЗЕМАВ ОД ЕКОНОМСКИ ПРИЧИНИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА БОЖИНОВСКА КОЈА СВОЕРАЧНО ПОТПИШАЛА ДЕКА ИМА БУГАРСКА САМОСВЕСТ

    СЕГА НЕМАМ БУГАРСКИ ПАСОШ, ВО МИНАТОТО ГО ЗЕМАВ ОД ЕКОНОМСКИ ПРИЧИНИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА БОЖИНОВСКА КОЈА СВОЕРАЧНО ПОТПИШАЛА ДЕКА ИМА БУГАРСКА САМОСВЕСТБожоновска тврди дека во моментов има само македонско и чешко државјанство. (Фото: К. Попов)

    Министерката за енергетка Сања Божиновска тврди дека сега нема бугарски пасош, а во минатото го зела заради економски причини. Откако денеска бугарски БГНЕС објави документ на кој министерката своерачно потпишала дека има бугарска самосвест и бугарско потекло при апликацијата за бугарското државјанство, денеска таа во писмена изјава за државната агенција МИА вели дека во моментов има само македонско и чешко државјанство.

    „За жал, одредени актери од Бугарија, на кои не им е во интерес градењето на добрососедски односи помеѓу Македонија и Бугарија со цел надминување на пречките за нашето членство во Европската унија, наместо култура на дијалог, ја злоупотребуваат ситуацијата. Државјанството кое сум го поседувала во минатото е земено од економски причини како што тоа го направиле многу македонски граѓани, а не како што некои актери сега сакаат да ја извртат вистината дека станува збор за национални причини“, стои во соопштението испратено до МИА.

    Во октомври 2004, министерката Божиновска своерачно потпишала дека има бугарска самосвест и бугарско потекло, при апликацијата за бугарското државјанство, објави бугарски БГНЕС. Бугарската агенција ја објави и декларацијата, во која што Божиновска потврдува дека бугарско потекло имаат и нејзините родители, Перо и Виолета. БГНЕС потсетува дека Божиновска на 18 октомври на социјалните мрежи напиша оти ниту еден македонски граѓанин не ја потпишал декларацијата, туку тоа го прават бугарски адвокати кои земаат пари за посредување.

    Од БГНЕС велат дека спротивно на нејзиното тврдење, Божиновска лично, а не адвокати, ја потпишала декларацијата, во која што е наведено: „изјавувам, дека имам бугарска национална самосвест и имам бугарско потекло“. Во декларацијата не е наведено дека зема бугарско државјанство од „економски причини“ или за „работа во странство“, како што тврди македонската министерка. Божиновска поднела молба за отпуст во септември минатата година, но сè уште нема добиено указ за ослободување од државјанството.

    За бугарскиот пасош на Божиновска денеска се зборуваше и на собраниската седница за пратенички прашања. Пратеникот од СДСМ Оливер Спасовски го праша премиерот Христијан Мицкоски дали при формирање на Владата знаел за бугарското државјанство на министерката за енергетика. Мицкоски не одговори конретно дали знаел за бугарскиот пасош за неговата министерка туку рече дека таа е поголема Македонка од сите пратеници на СДСМ.

    „Да биде Сања Божиновска дел од македонската влада е привилегија. Нејзините резултати во енергетиката се нешто кое може да го сонувате. Зборуваме за работи за кои јавноста не ја интересираат. За неа знае бизнис кремот од Украина до Шпанија и од Скандинавија до Атина. Измислуваме приказни кои немаат никаква врска ни со енергетиката, ни со минералните суровини. Тоа е исто како да зборуваме сега за тоа што вие дававте пасоши на белосветски криминалци. Сања Божиновска е многу поголема Македонка од вас сите заедно”, кажа Мицкоски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира