Стотици граѓани бесни ги дочекаа шпанскиот крал Фелипе и кралицата Летиција за време на посетата на општината Паипорта, една од најтешко погодените од катастрофалните поплави неделава.
На снимките се гледа како насобраните граѓани фрлаат кал по кралот и кралицата и се слуша како викаат „убиец“ и „срамота“ по кралот и го прашуваат зошто ништо не беше направено да се избегне трагедијата.
Жителите на шпанскиот регион Валенсија велат дека се чувствуваат напуштени од државата, а посебно се лути што не беше издадена тревога да се напуштат домовите во вторникот кога поплавите почнаа да се засилуваат.
Посетата на шпанскиот крал доаѓа откако вчера бројот на жртвите загинати порасна на 214 и градоначалниците од погодените области побараа од централните власти да испратат помош.
„Многу сме лути. Уништени сме. Градот ни е руина. Треба да почнеме одново и ве молам за помош. Ве молам, помогнете ни“, кажа Гилермо Лујан, градоначалникот на Алдаја.
Шпанскиот премиер Педро Санчес вчера нареди уште 5.000 војници да бидат испратени за да помогнат во справувањето со последиците од катастрофалните поплави.
Тој призна дека голем дел од помошта не стигнува до погодените од поплавите и дека е свесен дека јавноста е бесна. Но, Санчес рече дека ќе има време подоцна да се погледне што се згрешило и да се извлечат поуки.