ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ ОТВОРИ ТЕЛЕФОНСКА ЛИНИЈА ЗА ПОМОШ ПРИ ОТКАЖУВАЊЕ ОД ЦИГАРИ

    ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ ОТВОРИ ТЕЛЕФОНСКА ЛИНИЈА ЗА ПОМОШ ПРИ ОТКАЖУВАЊЕ ОД ЦИГАРИСпоред извештајот на Институтот од 2 јуни годинава, речиси пола од населението во Македонија пуши цигари, односно бројот на активни пушачи изнесува 45.4 отсто. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) отвори телефонска линија за советување за откажување од пушење цигари, со цел да ги поддржи лицата во процесот на откажување.

    Линијата на телефонскиот број 078 285 873 ќе биде достапна секои понеделник и среда од 11 до 13 часот.

    Од Институтот велат дека во Центарот за советување за откажување, персонализирани совети и стратегии ќе нудат квалификувани стручни лица.

    „Не чекајте, започнете го патот кон подобро здравје денес“, апелира ИЈЗ.

    Според извештајот на Институтот од 2 јуни годинава, речиси пола од населението во Македонија пуши цигари, односно бројот на активни пушачи изнесува 45.4 отсто. Многу е низок процентот на луѓе, 5 отсто, кои успешно се обиделе и откажале од пушење во последните години.

    „Употребата на тутун во Македонија е многу висока. Според последните истражувања, процентуалната застапеност на население кое употребува тутун нè става меѓу земјите во светот кои имаат најголеми стапки на население со активни пушачи“, вели ИЈЗ.

    Институтот за јавно здравје потсетува дека како еден од најголемите и најзастапените ризик фактори кај речиси сите видови хронични незаразни заболувања, употребата на тутун сериозно придонесува кон нарушувањето на општото здравје на популацијата. Кардиоваскуларни, респираторни, репродуктивни, малигни, ендокрини и многу други видови заболувања може да се јават како последица од редовна употреба на тутун.

    „Иако сите релевантни институции во државата кои работат на намалување на употребата на тутун, вклучително со континуираната едукација на населението, за жал, нема голем напредок во обидите да се намали преваленцата на пушењето во државата“, стои во анализата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира