СКОРО ПОЛА НАСЕЛЕНИЕ ВО МАКЕДОНИЈА ПУШИ ЦИГАРИ, ДРЖАВАТА ЈА ПОМАГА ЗАВИСНОСТА СО ТОА ШТО ГИ УКИНА ЗАБРАНИТЕ ЗА ПУШЕЊЕ ВО ТЕРАСИТЕ ОД ЛОКАЛИТЕ, ВЕЛИ ИЈЗ

    СКОРО ПОЛА НАСЕЛЕНИЕ ВО МАКЕДОНИЈА ПУШИ ЦИГАРИ, ДРЖАВАТА ЈА ПОМАГА ЗАВИСНОСТА СО ТОА ШТО ГИ УКИНА ЗАБРАНИТЕ ЗА ПУШЕЊЕ ВО ТЕРАСИТЕ ОД ЛОКАЛИТЕ, ВЕЛИ ИЈЗМакедоинија е меѓу земјите во светот кои имаат најголеми стапки на население кои се активни пушачи. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Речиси пола од населението во Македонија пуши цигари,односно бројот на активни пушачи изнесува 45.4 отсто. Многу е низок процентот на луѓе, 5 отсто, кои успешно се обиделе и откажале од пушење во последните години, се вели во последните истражуавња на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

    „Употребата на тутун во Македонија е многу висока. Според последните истражувања, процентуалната застапеност на население кое употребува тутун нè става меѓу земјите во светот кои имаат најголеми стапки на население со активни пушачи“, вели ИЈЗ.

    Оттаму додаваат дека има многу мала посетеност во советувалиштата за откажување од пушење, кои функционираат во склоп на Центрите за јавно здравје низ целата држава.

    „Во 2023, во советувалиштата за откажување од пушење се јавиле само 43 луѓе, што е многу мала бројка, односно нема голема заинтересираност за откажување од пушењето кај населението“, вели Институтот.

    Институтот за јавно здравје потсетува дека како еден од најголемите и најзастапените ризик фактори кај речиси сите видови хронични незаразни заболувања, употребата на тутун сериозно придонесува кон нарушувањето на општото здравје на популацијата. Кардиоваскуларни, респираторни, репродуктивни, малигни, ендокрини и многу други видови заболувања може да се јават како последица од редовна употреба на тутун.

    „Иако сите релевантни институции во државата кои работат на намалување на употребата на тутун, вклучително со континуираната едукација на населението, за жал, нема голем напредок во обидите да се намали преваленцата на пушењето во државата“, стои во анализата.

    Според ИЈЗ, иако Македонија во 2006 ја ратификуваше Рамковната конвенција за контрола на тутунот (FCTC) на Светската здравствена организација (СЗО) и низ годините имало напори за да се зајакне здравствената регулатива поврзана со употребата на тутун, во последните години има застој на ова поле, со укинување на забраните за пушење во терасите од угостителските локали, а дополнително се дозволи употреба на електронските уреди кои го загреваат, а не го горат тутунот (HTTP) во јавни затворени локали.

    „Тутунската индустрија со сите свои ресурси успешно се бори против напорите за зајакнување на законската легислатива, која всушност е еден од условите за пристап на Македонија кон Европската Унија, па така потреба од прилагодување на законите со оние од ЕУ е неопходна за напредокот на земјата“, велат експертите од ИЈЗ.

    Светскиот ден без тутун се одбележува на 31 мај, а годинава темата беше „Заштита на децата од влијанието на тутунската индустрија“.

    Годинава, вниманието на земјите е насочено кон алармантниот тренд на насочениот маркетинг на тутунската индустрија кон младите. Истражувањата во земјите постојано покажуваат дека децата на возраст од 13-15 години во повеќето земји користат тутун и никотински производи.

    „Индустријата е насочена кон младите за цел живот на профит, создавајќи нов бран на зависност. Децата користат е-цигари со стапки повисоки од возрасните во сите региони. Пушењето меѓу младите останува распространето и се зголемува во одредени нации. Повеќе од 38 милиони млади луѓе на возраст меѓу 13 и 15 години користат некаков облик на тутун.  Во 2022, сцените со тутун се зголемија за 110% во популарните неодамнешни емисии кај младите од 15 до 24 години, често прикажувајќи го пушењето како гламурозно и кул. Според ‘Иницијативата за вистина’, младите имаат до 3 пати поголема веројатност да почнат да пушат кога се изложени на слики за пушење на екранот“, вели ИЈЗ.

    Институтот оваа година учествува во две истражувања поврзани со употреба на тутун кај младите лица, и резулатите од овие истражувања ќе бидат објавени и достапни на крајот на годината, кога истражувањата ќе бидат целосно завршени.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира