ПОПУЛАРНИОТ МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА ПИСТОРИУС МУ ДАДЕ ПОДДРШКА НА ШОЛЦ И НЕМА ДА СЕ КАНДИДИРА ЗА КАНЦЕЛАР

    ПОПУЛАРНИОТ МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА ПИСТОРИУС МУ ДАДЕ ПОДДРШКА НА ШОЛЦ И НЕМА ДА СЕ КАНДИДИРА ЗА КАНЦЕЛАРМнозинството членови на СПД го фаворизираа Писториус како подобар кандидат за канцелар (Фото: Гети)

    Канцеларот Олаф Шолц доби шанса да се кандидира за втор мандат на претстојните вонредни избори во Германија откако неговата можна замена, популарниот министер за одбрана Борис Писториус, се откажа од ваквата можност.

    Иако ова донесе олеснување во редовите на владејачките Социјалдемократи (СПД), нивниот кандидат останува личност која е најнепопуларниот германски канцелар досега, во време кога партијата се наоѓа на третото место во националните анкети, зад конзервативците и крајната десница.

    „Ја информирав партијата дека нема да се кандидирам за функцијата федерален канцелар. Ова е моја суверена и крајно лична одлука“, кажа Писториус.

    Тој стана министер за одбрана пред две години и во меѓувреме го засени Шолц во популарноста. Дури и во самата партија, мнозинството членови го фаворизираа Писториус како подобар кандидат за канцелар. Писториус вчера му даде целосна поддршка на Шолц.

    „Во него имаме неверојатен федерален канцелар. Тој водеше трипартиска коалиција низ можеби најголемата криза во изминатите децении“, кажа Писториус.

    Се очекува СПД в понеделник и официјално да го номинира Шолц за канцелар. Според последните анкети, за СПД би гласале само 15% Германци, на првото место се конзервативците на Фридрих Мерц со 33%, а меѓу нив е Алтернатива за Германија со 18%.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира