Во Тетово, а и во неколку градови во Македонија, денес се одбележува 22 Ноември, Денот на албанската азбука, но празникот се одбележува со прекршување на Законот за употреба на знамињата на заедниците. Речиси на секоја бандера по главните градски булевари истакнати се по две знамиња на Република Албанија, како знаме на албанската заедница во Македонија, едно на Република Северна Македонија и едно на Општина Тетово. Ваквото истакнување на знамињата кога се одбележува некој официјален празник е во спротивност со Законот.
Закон за употреба на знамињата на заедниците, дозволува да се користат знамиња на припадниците на заедниците со знаме преку кое го изразуваат својот идентитет и особеностите (член 7), но исто така тоа мора да биде во согласност со член 8 каде се вели доколку се истакне знамето на таа заедница, се истакнува и знамето на Република Македонија.
Истакнувањето на две знамиња на заедницата и на едно државно знаме за припадниците на македонската етничка заедница се смета како провокација, а воедно претставува и кршење на Законот за употреба на знамињата на заедниците.
Во овој Закон пропишани се и казнени одредби па според Член 12 од Законот со парична казна од 20.000 до 150.000 денари ќе се казни за прекршок правно лице кое постапува спротивно на одредбите од членот 8 на овој закон. За прекршокот од ставот 1 на овој член ќе се казни со парична казна од 5.000 до 15.000 денари и одговорното правното лице, се вели во Законот.
До Општина Тетово испративме новинарско прашање дали тие ги поставиле знамињата и по која основа се поставени по две знамиња на Република Албанија, само едно државно знаме, но до објавувањето на овој текст немаше одговор од општинските власти.
З. АНДОНОВ