ЈУЖНОКОРЕЈСКИТЕ ПРАТЕНИЦИ ЕКСПРЕСНО ЈА УКИНАА ВОЕНАТА СОСТОЈБА, ВОЈСКАТА КАЖА ДЕКА ТАА ОСТАНУВА НА СИЛА

    ЈУЖНОКОРЕЈСКИТЕ ПРАТЕНИЦИ ЕКСПРЕСНО ЈА УКИНАА ВОЕНАТА СОСТОЈБА, ВОЈСКАТА КАЖА ДЕКА ТАА ОСТАНУВА НА СИЛАНабргу по обраќањето на претседателот Јун, граѓаните почнаа да се собираат пред парламентот (Фото: АП)

    Јужнокорејската војска се обиде да упадне во зградата на парламентот откако претседателот Јун Сук Јеол денеска прогласи воена состојба во земјата. Парламентот му се спротивстави на Јун и гласаше за укинување на декларацијата за прогласување воена состојба, што доби поддршка од сите присутни 190 пратеници.

    Во својот изненадувачки говор што се пренесуваше на телевизија, Јун ги обвини опозициските партии дека го ставиле демократскиот процес во свое заложништво. Тој вети дека ќе ги искорени „антидржавните сили кои ја симпатизираат Северна Кореја“ и кажа дека немал избор освен да преземе мерки за да го заштити уставниот поредок.

    Декларацијата е невалидна. Претседателот веднаш треба да ја поништи по гласањето во Националното собрание. Граѓаните можат да бидат мирни, Националното собрание ќе ја одбрани демократијата“, изјави спикерот на собранието Ву Вон-сик.

    Тој додаде дека војската почнала да се повлекува од зградата на парламентот. Војската, пак, кажа дека воената состојба ќе остане на сила додека не биде укината од претседателот.

    Набргу по обраќањето на Јун, граѓаните почнаа да се собираат пред парламентот, барајќи да се укине воената состојба. Војската во прв момент кажа дека активностите на парламентот и на политичките партии ќе бидат забранети, а медиумите ќе бидат под контрола на командата на воената состојба.

    Јун не спомна никакви специфични закани од Северна Кореја, туку се фокусираше на домашните политички противници.

    Ова е првпат од 1980 година да се прогласува воена состојба во Јужна Кореја, која имаше серија авторитарни лидери во минатото, но се смета за демократска земја од 1980-тите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира