Изградба на Регионалната депонија во Новаци до крајот на 2027 година, јакнење на меѓусебната соработка меѓу општините, итно формирање на заедничкото регионално претпријатие како и зајакнување на капацитетите на локалните јавни комунални претпријатија, се заклучоците од денешната панел дискусија на тема „Дивите депонии Буково и Мауцкер“ организирана од граѓанската иницијатива „Збогум Буково“ во Охрид. Учесниците посочија дека доцнат активностите, но сепак има интерес и на национално и локално ниво за воспоставување на регионалниот систем за управување со отпад.
Во моментов се работи на тендерските документации за набавки како и на проектниот дизајн за регионалната депонија и претоварните станици.
Ѓоко Зороски од иницијативата „Збогум Буково“ истакна дека средствата се обезбедени преку кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), но се чека на подготвеноста на општините во Југозападниот и Пелагонискиот Регион да се усогласат околу изградбата на целата инфраструктура, околу набавка на возила, изградба на претоварни станици и изградбата на регионалната депонија.
„Некои од општините се понапред, некои поназад, некои воопшто не се ни почнати со овој процес. Главната задача на општините е да формираат меѓуопштинско јавно претпријатие кое ќе управува со целиот процес на управување со отпадот во Југозападниот и Пелагонискиот Регион. Тоа претпријатие сѐ уште не е формирано, се доцни повеќе од 2 години и тоа е всушност една од иницијалните точки за да почнат работите да се одвиваат. Меѓутоа, за жал, тој процес не е започнат и токму тоа е и целта на нашата иницијатива, сè тоа што е забавено да го забрзаме, затоа што загадувањето е алармантно дали од депониите, дали во зимскиот период комбинирано и со загадувањето од греењето во домаќинствата. Навистина, воздухот во Охридскиот регион е со многу лош квалитет“, вели Зороски.
Ана Каранфилова-Мазневска, раководителка на Секторот за управување со отпад во Министерството за животна средина и просторно планирање, посочи дека од заемот од 55 милиони евра, 34 милиони евра се наменети за Југозападниот и Пелагонискиот Плански Регион, со што двата региони ќе имаат заедничко регионално управување со отпад со една регионална депонија и 4 претоварни станици од кои една ќе биде во Охрид на локацијата Мауцкер, каде сега има диво одлагање на отпад.
„Овој проект предвидува набавка на возила, доекипирање на јавните комунални претпријатија по општините за да можат соодветно да го собираат отпадот, набавка на дополнителни канти за сува и мокра фракција, за задолжителна примарна селекција и затворање само на старата локација во Мегленци. Ќе се затвори само оваа депонија бидејќи толку средствата се обезбедени. Но, работиме на изнаоѓање на дополнителни средства за да можеме постепено да ги затвориме и сите други нестандардни депонии во овие два региона“, рече Каранфилова-Мазневска.
Според Емил Ангелов, проектен координатор на САЛАР Интернационал, целта на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“ е да се подигне свеста за селектирање и рециклирање на отпадот.
„Треба да се селектира отпадот и ние веќе почнавме со селекција на отпад во шест пилот-општини. Работиме и на изградба на собирни центри за отпад кои се законска обврска на сите општини со над 30 илјади жители во земјава. Сѐ ова се елементи кои придонесуваат за намалување на отпадот кој ќе заврши на регионалната депонија. Целта ни е да го минимизираме отпадот. Во нашава земја отпадот што се селектира и рециклира е на ниво на статистичка грешка. Ние депонираме 99% од отпадот што го собираме, а за споредба во Словенија е под 10%, во Шведска под 1%“, вели Ангелов.
С. ВРЕНЦОВСКА