ПАРКОТ НА ПРИРОДАТА ЕЗЕРАНИ Е СЀ ПОВЕЌЕ НА КОПНО, А ПОМАЛКУ НА ВОДА, ПОВЛЕКУВАЊЕТО НА ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО Е ОПАСНО ЗА ЖИВИОТ СВЕТ

    ПАРКОТ НА ПРИРОДАТА ЕЗЕРАНИ Е СЀ ПОВЕЌЕ НА КОПНО, А ПОМАЛКУ НА ВОДА, ПОВЛЕКУВАЊЕТО НА ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО Е ОПАСНО ЗА ЖИВИОТ СВЕТНа 1.917 хектари живеат голем број ретки и загрозени растителни и животински видови поради што Паркот се наоѓа на признати светски листи за значајни подрачја. (Фото: СДК.МК)

    Ренџерите Горан Стојановски и Златко Пандевски секојдневно водат битка да го заштитат Паркот на природата Езерани, кој опфаќа дел од копнениот и водениот дел на Преспанското Езеро. На 1.917 хектари живеат голем број ретки и загрозени растителни и животински видови поради што Паркот се наоѓа на признати светски листи за значајни подрачја.

    Ренџерите прават редовни патроли, мониторинг на целата флора и фауна. Користат видеонадзор и опрема што ја добиле од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) за подобра контрола врз Паркот на природата. Косат ливади, го чистат паркот од ѓубре кои несовесни жители недозволено го фрлаат на негова територија, се борат со пожари. Но, немоќни се да се изборат против повлекувањето на езерската вода и последиците што настануваат од ваквата непогода. Тоа е закана за дел од екосистемите, меѓу кои блатата со трски кои освен  улогата на природен пречистувач на водите,  се важно живеалиште за дивиот жив свет во Езерани и место за размножување на повеќе видови птици, риби, водоземци, безрбетници и цицачи.

    „Повлекувањето на езерото неповолно влијае и врз рибите. Тие бегаат подлабоко и подлабоко во езерото. Најидеална средина за мрестење им беше плиткиот дел од езерото со трска и шамак. Кога трската беше во вода, рибата имаше поголеми услови за размножување, а сега тие се на песок и најидеалната површина за размножување на рибата е уништена“, велат Стојановски и Пандевски.

    Ренџерите Горан Стојановски и Златко Пандевски секојдневно водат битка да го заштитат Паркот на природата Езерани. (Фото: СДК.МК)

    Токму поради специфичниот блатен екосистем и влажните ливади, Езерани беше вметнат е во Рамсарската листа на светски важни водени живеалишта.

    Таму живеат 216 видови птици од кои дел глобално загрозени што претставува 66% од птиците на национално ниво или 42% од вкупниот број птици регистрирани во Европа. Меѓу нив и најголемата колонија на далматински пеликани. Езерани е дом и на 30 видови цицачи,  безрбетници, водоземци и влечуги меѓу кои и балкански ендемити, кои се дел од природното богатство на Македонија.

    „Копнената површина се зголемува, а водената се намалува. Ако копното беше околу 1.000 хектари, сега со намалувањето на нивото на езерото опфаќа околу 1.200 до 1.300 хектари, а околу 700 хектари водена површина. По наша проценка околу 300 хектари е зголемена копнената површина во однос на водената. Во висина последната година нивото на езерото е намалено околу 80 до 90 сантиметри“, додаваат ренџерите.

    Во Езерани блата со трска има на околу 50 хектари. Но, освен повлекувањето на водата, опасност за природни живеалишта има и поради пожарите.

    „Најчесто пожарите доаѓаат надвор од Паркот, а потоа навлегуваат внатре. Правиме заштитни зони со косење на ливадите, да не влегуваат во строго заштитената зона. Зијанот од пожарите е голем, се уништуваат живелишта на птици и цицачи, изумираат пеперутки и вилински коњчиња. А, во паркот имаме околу 70 видови пеперутки“, велат ренџерите.

    Најчесто пожарите доаѓаат надвор од Паркот, а потоа навлегуваат внатре, велат ренџерите. (Фото: СДК.МК)

    Во Планот за управување  со Паркот на природата Езерани (2012-2021) пишува и дека пожарите често се подметнуваат за да се добие повеќе обработлива површина или пасишта за стоката. Понатаму, како закани по екосистемите се наведуваат ископувањето песок и чакал по должината на брегот на приватните имоти кои зафаќаат делови од Езерани.

    Поради значајната птичја популација во 1996 година локалитетот Езерани беше прогласен за Строг природен резерват. Во меѓувреме, поради нерешени имотно-правни односи со локалното население, претворањето на дел од резерватот во обработливо земјиште и други антропогени влијанија, подрачјето ги загуби карактеристиките на строг природен резерват, па со закон од 2012 година беше прогласен за Парк на природата.

    Езерани беше дел од Програмата за реставрација на Преспанското Езеро, преку која УНДП и Швајцарската агенција за соработка и развој во 2018 година вложија над 5 милиони долари. Преку неа се намали загадувањето на езерото, концентрациите на фосфор и азот како остатоци на вештачките ѓубрива од земјоделството, се оптимизира искористувањето на водата за наводнување, се подобри третманот на отпадните води, а беа преземени и други активности за спас на езерото.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира