Израел уништи поморски бази, складишта со оружје, аеродроми и истражувачки центри во Сирија во серија воздушни напади во изминатите два дена, осакатувајќи ја сириската воена инфраструктура. Тел Авив потврди дека ја нападнал и сириската поморска флота откако се регистрирани експлозии во пристанишниот град Латакија.
Сириската опсерваторија за човекови права (СОЧП) објави дека документирала над 310 израелски напади од падот на режимот на Башар ал-Асад во неделата, при што цели биле и Дамаск, Алеп и Хама.
„Многу од погодените објекти и локации не се само оштетени, туку целосно уништени. Целосно се уништуваат способностите на сириската војска. Ова е нарушување на сириската територија“, изјави основачот на СОЧП, Рами Абдул Рахман.
Израелските одбранбени сили потврдија дека нивните трупи дејствуваат и преку зоната на разграничување меѓу Сирија и Голанската Висорамнина, но негираа дека тенковите се доближиле до Дамаск.
„Нашата цел е да се уништат стратешките способности кои ја загрозуваа државата Израел. Операцијата за уништување на сириската флота беше огромен успех. Не смеевме да дозволиме преостанатите хемиски оружја, ракети и проектили со долг дострел да паднат во рацете на екстремисти“, кажа израелскиот министер за одбрана Израел Кац.
Израелската војска навлезе во зоната на разграничување веднаш откако бунтовниците го соборија режимот на Асад викендов. Оваа зона беше воспоставена во 1974 и овозможи израелските и сириските сили да бидат разделени.