И СО ПОМАЛКУ ПРСКАЊЕ ЌЕ ИМАМЕ КВАЛИТЕТНИ ЈАБОЛКА, ВЕЛАТ ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ОД ПРЕСПА КОИ СО ПАРИ ОД ЕУ СЕ ОБУЧУВАА ЗА ПРИМЕНА НА НОВИ ТЕХНОЛОГИИ

    И СО ПОМАЛКУ ПРСКАЊЕ ЌЕ ИМАМЕ КВАЛИТЕТНИ ЈАБОЛКА, ВЕЛАТ ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ОД ПРЕСПА КОИ СО ПАРИ ОД ЕУ СЕ ОБУЧУВАА ЗА ПРИМЕНА НА НОВИ ТЕХНОЛОГИИВо јуни, УНДП објави оглас за обука на земјоделци за тоа како да не се наруши природата, а да добијат поголеми приходи, се пријавија 145 земјоделци, од кои 40 отсто се жени, а 43 отсто се млади. (Фото: СДК.МК)

    Еден месец земјоделците од Преспа се обучуваа како успешно да одгледуваат и произведуваат јаболки, а што помалку да користат хемиски средства. Обуката се спроведува преку програма на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) со пари од Европската Унија од проектот „ЕУ за Преспа“.

    Во јуни, УНДП објави оглас за обука на земјоделци за тоа како да не се наруши природата, а да добијат поголеми приходи. За обуките се пријавија 145 земјоделци, од кои 40 отсто се жени, а 43 отсто се млади.

    „Во Преспа е навистина многу интересно колку земјоделците се отворени за нови технологии и учење. Имаме земјоделци кои остануваат и после предавањата и разговараат со професорите. Покрај тоа што индивидуално ќе работат и ќе ги поминат обуките за кои ќе добијат сертификат, дел од нив, најмалку 55, ќе добијат грант за набавка на опрема за подобро менаџирање на производството. Откако ќе добијат грант една сезона ќе поминат со професорите кои се од земјоделскиот факултет, за да ја имплементираат програмата под менторство“, вели Маријана Милевска, проектна менаџерка во УНДП на проектот „ЕУ за Преспа“.

    Земјоделците од Преспа, со кои разговаравме додека ги посетивме на една од обуките, велат дека со ваква помош полесно ќе можат да ги применуваат новите технологии, без кои не можат да имаат квалитетно производство на јаболка.

    Ана Лабор е млада земјоделка, јаболкопроизводителка, која од пред неколку години се вратила во родната Преспа и почнала да се занимава со земјоделство. Покрај одгледувањето на јаболка, таа се занимава и со агротуризм, односно на нејзниот овоштарник можат да дојдат гости и самите да берат јаболка.

    „Моето семејство повеќе од 60 години се занимава со јаболкопроизводство. Јас како и многу други млади луѓе, заминав во Скопје на студии, останав таму 15 години, па отидов во Дубаи каде живеев три години. Меѓутоа дома си е дома, се вратив назад и сега живеам тука заедно со сопругот и работиме исклучитво овоштарство на нашиот овоштарник во село Царев Двор, срцето на Преспа. Во 2018 година ги отворивме вратите за посетители во овоштарникот и веќе активно работиме, сезонски од месец мај до крај на октомври кога завршуваме со берба на јаболка. На почетокот имавме само странски гости, соработувавме со туристички агенции. Но, после ковидот македонскиот народ дозна за нашиот овоштарник, така што секоја година, сè повеќе и повеќе имаме домашни гости. И оваа година, веќе надминавме бројка од 1.000 посетители, што е супер и тоа ме мотивира за да продолжам да го работам ова“, вели Лабор.

    Ана вели дека овие обуки многу се потребни бидејќи земјоделците треба да бидат свесни за заштита на животната средина и како да произведуваат квалитетно јаболко.

    „Среќна сум што учествувам на обуките сè тоа што професорите ни кажуваат, ни е од голема полза“, додава Лабор и вели дека од овогодишеното производство е исклучително задоволна. На нејзиниот овоштарник произвела 135 тона јаболка на 2,5 хектари и веќе сите јаболка ги продала.

    Меѓу учесниците на обуката е и 70-годишниот Панде Савевски, кој цел живот се занимава со земјоделство. Произведувал јаболки, но сега вели дека повеќе е посветен на органско производство на мед.

    „Од овие обуки многу научив. Јас работев без наука односно од она што ми го кажеле старите, а сега со примена на науката, мислам дека ќе постигнам поголеми резултати. Не прскам со пестициди, го имам намалено прскањето и ѓубрењето. Откупот, тешко оди. За органското производство е тешко. Малку се такви трговци што бараат органско производство. На помладите им порачувам да се зафатат со земјоделие ама со примена на наука, без наука сега нема земјоделие“, вели Савевски.

    Земјоделците најмногу ги интересира како да ги заштитат јаболките од одредени болести, како и со што да прскаат. (Фото: СДК.МК)

    Професорите од Земјоделскот факултет кои цел месец ги обучуваат земјоделците  велат дека во Преспа ги учат земјоделците како во производството повеќе да внесат знаење, а помалку синтетички и хемиски материјали. На предавањата најчесто ги прашуваат како да ги заштитат јаболките од одредени болести, како и со што да прскаат.

    „Интегрално производство е збир на мерки кои што допренесуваат успешно да се произведува јаболка, а сепак да не се користи во голема количина хемиски средства. Дозволено е сè, нема забрана како што се забраните во органското производство, но хемијата може да се користи само откако ќе се утврди вистинската потреба за нејзино користење. На овој начин допринесуваме да произведуваме плодови, но со минимизирање на количините на хемиските препарати“, вели Марјан Кипријановски, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје.

    Професорот вели дека земјоделците ги прифаќаат новите методи, но дел тераат по свое.

    „Тешко прифаќат новини. Најдобар показател дека тешко се прифаќат новини, ни е асортиментот. Ајдередот во светот многу малку се одгледува, а кај нас е доминант, со огромна површина, огромен процент од производството и тешко. Многу често и други колеги мои велат, тешко може да ги убедиме возрасните мажи да ги сменат навиките. Они сè знаат, ќе те слушаат, аме си тераат по нивно. Затоа ако сакаш да внесеш новина, натерај ги да слушаат или да работат младите и жените. Жените се малку поиновативни во применување на практиките во производство. На обуките има доста жени и млади луѓе па мислам дека ќе почнат да ги внесуваат овие новини во производството“, додава Кипријановски,

    Професорката Станислава Лазаревска вели дека земјоделците мораат да се прилагодат на новините и што помалку да користат хемија.

    „Овие луѓе се одлични производители, и кога ги гледате нивните насади, или кога ги гледате плодовите кои се преубави, се прашувате што уште треба да им се каже на овие искусни луѓе, но има што да се каже. Светот оди во еден друг правец, сè помалку се користи хемија, а се повеќе други, нови практики, техники, мерки, коишто ќе ги решат проблемите. Денес во фокусот на производството не е  само квалитет и принос, туку и безбедност на храна и заштита на животната средина. Тоа се две стратегии кон кои мораме да се придржуваме и да вложуваме во тој правец. Земјоделците мора да се прилагодат бидејќи според европската регулатива до 2030 година за 50 отсто треба да се намали употребата на пестициди“, вели Лазаревска, професорка на Факултет за земјоделски науки и храна во Скопје.

    Преспа има систем за метеоролошко предвидување за да можат земјоделците да знаат кога ќе врне и кога треба да се прска. Поставени се девет станици и тие даваат податоци за температура и влажноста, па врз основа на тоа се предвидува која болест може да се појави во кое време и како и кога треба да се прска и со кои препарати.

    „Овие станици покриваат околу 90% од територијата на Преспа што е под овошни насади. Функционираат на тој начин што станиците даваат податоци за точниот момент кога треба да вршат заштита земјоделците. Порано, ако заврнеше дожд па се појавеше сонце, луѓето ги палеа тракторите и одеа да прскаат. Сега не, гледаме дали имат услови. Ако заврне дожд, не значи дека има услови да се појават болести. Прво тоа се правеше преку соопштенија, а сега со помош на паметните телефони земјоделците сами ги гледаат апликацијите и знаат кога треба да вршат заштита со цел зачувување на животната средина. Имаме и економски бенефит со тоа што го намалуваме бројот на третирањето, не третираме напамет, туку точно кога е потребно. На почетокот имавме проблем. Тешко е да се сменат навиките кај луѓето. Особено кога почнавме, сè уште не беше развиена техниката и технологијата, немавме паметни телефони, интернет, немавме пристап до тоа како работат другите земји. А сега, помладите генерацији, многу го прифаќаат. Тие што немаат апликација, бараат да им се симне“, вели земјоделката Фросе Ѓоргиевска.

    Од УНДП велат дека преку проектот овие станици кои се уникатни ќе се обноват и покрај заштита за прскање, земјоделците ќе добиваат и информации за водата кога и колку да наводнуваат.

    „Сите земјоделци од Преспа имаат бунари и систем капка по капка, но не се автоматизирани, Професорите кажуваат дека 3.600 литри вода е потребно за еден хектар, а сега земјоделците трошат по 24.000 литри вода“, објаснува проектната менаџерка на УНДП Милевска.

    „ЕУ за Преспа“ е програма на Европската Унија во вредност од 18 милиони евра за заштита на природата во овој дел од Македонија и подобрување на економскиот раст. 14 милиони евра УНДП ги имплементира во два проекти, првиот е за заштита на природата со сет мерки, а вториот е економски развој  најмногу на одржливо земјоделство и одржлив туризам. Во проектот е предвидена и прекугранична соработка бидејќи Преспанското Езеро го делиме со Албанија и Грција.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира