Индискиот тинејџер Гукеш Домараџу го шокираше шаховскиот свет откако на 18 години стана најмладиот светски првак во историјата. Во драматичното финале во Сингапур, Домараџу го победи бранителот на титулата Динг Лирен од Кина со 7,5:6,5 во поени по 14 одиграни партии.
Двајцата влегоа израмнети во последната партија и Индиецот успеа да го освои клучниот поен по грешка на Динг во 55. потег. Домараџу со тоа стана 18. шахист со титулата светски првак и втор од Индија, по Висванатан Ананд.
„Во прв момент не сфатив дека Динг згрешил во последната партија. Но, откако сфатив, тоа беше можеби најдобриот момент во мојот живот“, изјави Домараџу.
Тој го собори рекордот на Гари Каспаров, кој беше четири години постар кога стана светски шампион во 1985.
Роден во мај 2006, Домараџу почнал да игра шах на шест години и на само 12 години и седум месеци станал велемајстор, што го истакна неговиот огромен потенцијал. На последните две шаховски олимпијади освои две злата во поединечна конкуренција и ѝ помогна на Индија да биде прва во Будимпешта оваа година.