Управата за јавни приходи (УЈП) вчера извршила контрола на забавата во дискотека во Штип, организирана од јутјуберот Стефан Лазаров и осудениот во „Рекет“ Бојан Јовановски-Боки 13, и утврдила дека тие без дозвола организираат наградна игра. Контролата на УЈП ја потврди Лазаров, кој кажа дека поради тоа ги откажува наредните планирани настани и наградите ќе ги доделува од неговото студио.
„Поради новонастанатата ситуација вчера и вчерашната контрола од УЈП, во која инспекторите констатираа дека е наградна игра, наредните планирани настани ги откажувам, но ‘giveawayot’ продолжува и извлекувањата ќе се одвиваат од моето студио ‘Лазаров Поткаст’“, објави Лазаров на социјалните мрежи.
Претходно, Боки 13 на социјалните мрежи објави дека поради преживеан стрес се повлекува од, како што вели, неговото јавно појавување како гостин и промотивно лице на забавниот проект „Giveaway“, за кој вели дека е во организација на Стефан Лазаров.
Неделава, Боки 13 доби продолжување на прекин на издржување на затворската казна. Одлуката судот ја донел врз основа на медицинска документација од болницата „Св. Наум Охридски“.
Минатата недела, пак, Боки 13 во еден скопски ресторан промовираше преработка на песната „Само една песна таговна“, за која сними и спот.
Во јуни 2020 година, Боки 13 беше осуден на 9 години затвор во предметот „Рекет“ за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари.
За организирање наградна игра потребна е дозвола од Министерството за финансии врз основа на Законот за игри на среќа и забавни игри.