Неколку стотици севернокорејски војници кои се борат со руските сили против Украина загинале или биле ранети во борбите во Курск, објави висок американски воен функционер, додека Киев вели дека Русија ги засилува нападите.
Белата куќа и Пентагон во понеделникот потврдија дека севернокорејските војници се борат на првата линија на фронтот, главно како пешадија. Тие напаѓаат заедно со руските сили, но во некои случаи и одделно од нив. Американски функционери велат дека тие имаат големи жртви зашто претходно немале никакво борбено искуство.
САД вчера првпат објавија дека севернокорејските војници претрпеле загуби во борбите во Курск. Се проценува дека Ким Џонг Ун испратил меѓу 10.000 и 12.000 војници како засилување за руските сили и досега нема назнаки дека тие преминале на територијата на Украина.
Како што војната се ближи кон третата година, украинските трупи се исцрпени и во подредена позиција на фронтот долг 1.170 километри, а згора на тоа, држат позиции и во рускиот регион Курск.
„Трет ден по ред, непријателот изведува интензивни напади во Курск и притоа активно користи севернокорејски војници, кои трпат значајни загуби“, кажа шефот на украинската војска Олександр Сирски, додавајќи дека борбите ескалираат и во регионот Доњецк.