УЧИЛИШТАТА ВО БОСИЛОВО И ТУРНОВО ПРОИЗВЕДУВААТ СТРУЈА ОД ФОТОВОЛТАИЦИ НА ПОКРИВИТЕ

    УЧИЛИШТАТА ВО БОСИЛОВО И ТУРНОВО ПРОИЗВЕДУВААТ СТРУЈА ОД ФОТОВОЛТАИЦИ НА ПОКРИВИТЕВо моментов, фотонапонските централи произведуваат електрична енергија повеќе од што е потребно за училиштата. (Фото: СДК.МК)

    Училиштата во Босилово и Турново добија фотоволтаици и сами произведуваат електрична енергија за сопствените потреби, а плановите се да се произведува и топлинска енергија за затоплување на училишните згради. На крововите на овие две училишта монтирани се панели во рамките на проектот „Обновливи извори на енергија за подобри услови за учење“ кој го финансираше Фондот за развој при амбасадата на Бугарија во земјава.

    „Наша интенција е на сите училишта во општината да поставиме фотоволтаици, а средствата што ќе се заштедат ќе бидат насочени за подобрување на наставата. Планот е да се постават инвертери и топлотни пумпи во овие училишта и самостојно да се загреваат, бидејќи трошокот за електрична енергија во училиштата во Босилово и Турново поради топлите месеци е еднаков на нула“, кажа градоначалникот на Општина Босило Ристо Манчев и додаде дека во моментов фотонапонските централи произведуваат електрична енергија повеќе од потребното.

    Тој побара државата да најде начин и да го откупи вишокот на електрична енергија која се произведува од јавните институции или, во најмала рака, да бидат рамноправни со приватните компании кои имаат фотонапонски централи.

    Општина Босилово летово со поддршка на Центарот за развој на Југоистокот енерегетско независно го направи и школото во Секирник. Наскоро, фотоволтаичен систем ќе добие и училиштето во Петралинци.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира