ДРЖАВАТА НЕ ДАВА ПАРИ ЗА ХИВ ТЕСТИРАЊЕ, ЌЕ РАСТЕ БРОЈОТ НА БОЛНИ ОД СИДА

Од први јули, ако државата не даде пари ќе престанат со работа двете мобилни лаборатории за брзо и доверливо ХИВ тестирање и советување, а според проценките на Светска банка ако овие сервиси згаснат, до 2030 ќе има 860 новоинфицирани луѓе со ХИВ во Македонија, а бројот на смртни случаи ќе се зголеми за 290

    ДРЖАВАТА НЕ ДАВА ПАРИ ЗА ХИВ ТЕСТИРАЊЕ, ЌЕ РАСТЕ БРОЈОТ НА БОЛНИ ОД СИДАСамо лани во мобилните лаборатории на ХЕРА направени се 3.700 тестирања, преку нив се откриваат околу една третина од новодијагностицираните со ХИВ, а преку останатите сервиси за поддршка и превенција инфекцијата се држи под контрола;- од кампања против СИДА во Македонија (Фото: МИА)

    Двете мобилни лаборатории за брзо и доверливо ХИВ тестирање и советување, кои функционираат во рамки на невладината ХЕРА, од први јули ќе престанат со работа ако државата веднаш не најде начин за нивно оддржливо финансирање. Активистите од невладината организација велат дека преку Глобалниот фонд, кој досега ја финансираше работата на сервисите за превенција од ХИВ иако официјално се повлече од Македонија на крајот на годината, успеале да прераспределат дел од непотрошените средства и за оваа година, но дека тие се доволни само до крајот на јуни.

    Според проценките на Светска банка ако овие сервиси згаснат, до 2030 ќе има 860 новоинфицирани луѓе со ХИВ во Македонија, а бројот на смртни случаи ќе се зголеми за 290.

    Преку овие мобилни лаборатории, кои функционираат од 2007, се откриваат околу една третина од новодијагностицираните со ХИВ инфекција, а преку останатите сервиси за поддршка и превенција, инфекцијата со ова заболување се држи под контрола.

    Само лани во мобилните лаборатории на ХЕРА направени се 3.700 тестирања.

    Покрај комбињата за брз ХИВ тест, од кои едното се движи во Скопје, а другото во останатите градови во земјава, клуч на врата од први јули ќе мора да се стави и на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ помеѓу припадниците на ранливи и тешко достапни групи граѓани, односно мажи кои имаат секс со мажи, сексуални работници, лица кои инјектираат дрога, луѓе што живеат со ХИВ, и осудени лица и млади. Овие сервиси функционираат преку 15 граѓански организации.

    Лани на 22 ноември, 13 партии пред изборите се обврзаа дека ќе обезбедат финансии да се одржи работата на сервисите за превенција, и се надеваме дека ќе стојат на дадената обврска, велат активистите од ХЕРА

    Лани на 22 ноември, 13 партии пред изборите се обврзаа дека ќе обезбедат финансии да се одржи работата на сервисите за превенција, и се надеваме дека ќе стојат на дадената обврска, велат активистите од ХЕРА

    „Сервисите за превенција од ХИВ успешно функционираат десет години, колку што ги финансираше Глобалниот фонд. Меѓу другото, благодарение и на овие сервиси Македонија има ниска преваленца на инфекцијата со ХИВ. Доколку се стави клуч на сите сервиси, тогаш за многу кусо време можеме да очекуваме епидемија од ХИВ, како што беше случајот во Романија и Србија“, вели Елизабета Божиноска, раководител на проект во ХЕРА.

    Таа вели дека Глобалниот фонд дава ваков вид помош во државите кои имаат висока преваленца на инфицирани со ХИВ, а во случајот како нашата, кога инфекцијата се држи под контрола, по одредено време сервисите за превенција треба да ги финансира државата.

    “Случајот со Србија е пример за најлошто сценарио кое што може да ни се случи. Таму, додека работеа сервисите за превенција преку Глобалниот фонд, инфекцијата се држеше под контрола. Кога замина Глобален фонд, државата не ја поддржа работата на сервисите и сега во Србија повторно е зголемен бројот на инфицирани со ХИВ и по две години Глобалниот фонд повторно се враќа во оваа земја. Не би сакале тоа сценарио да ни се случи и нам, бидејќи здравствените трошоци за лекување на зголемен број болни се големи, а и штетата што ќе се направи на веќе постоечки сервиси е ненадоместлива, бидејќи за овие 10 години обучен е и кадар и воспоставена е мрежа за поддршка во целата земја“, вели Божиноска.

    Таа вели дека со поддршката што се дава на маргинализираните групи, поточно на лицата што инјектираат дроги, се држи под контрола и инфекција со вирусот на Хепатит Ц, а лекувањето на оваа болест е многу скапа.

    “Бројките за новоинфицираните покажуваат дека последните години инфекцијата со ХИВ не се шири меѓу лица што инјектираат дроги, а тоа е благодарение и на нашите сервиси, преку кои добиваат чист прибор, психо-социјална и здравствена помош. Еден од најбрзите начини да се пренесе инфекција со ХИВ и Хепатит Ц е токму преку инјектирање дроги со нечист прибор, и затоа мора што побрзо да се најде начин за да се оддржат сервисите“, вели Божиноска.

    Ако се стави клуч на сите сервиси, тогаш за многу кусо време можеме да очекуваме епидемија од ХИВ, како што беше случајот во Романија и Србија, велат во ХЕРА; - од кампања против СИДА (Фото: СДК.МК)

    Ако се стави клуч на сите сервиси, тогаш за многу кусо време можеме да очекуваме епидемија од ХИВ, како што беше случајот во Романија и Србија, велат во ХЕРА; – од кампања против СИДА (Фото: СДК.МК)

    Од ХЕРА велат дека лани направиле проценка заедно со Министерството за здравство и со Светската банка колкав треба да биде минималниот пакет што невладиниот сектор треба да го добива преку превентивните програми на Министерството, за да може да продолжат со работа овие сервиси.

    “Притоа, беше утврдено дека нема критериум по кој може Министерството да префрла пари на невладин сектор и почнавме да работиме на тие механизми, но во меѓувреме беше донесен Буџетот за 2017, со кој за превентивните програми, место предвидените 65 милиони денари, беа одобрени 27 милиони денари, кои не се доволни да се покрие терапијата за оние кои веќе ја имаат инфекцијата, а не пак за превенција“, велат од ХЕРА.

    Според податоците од Институтот за јавно здравје, во земјава има вкупно 179 лица кои се болни од СИДА и 131 лице кои се ХИВ позитивни. Само лани до први декември откриени се 36 нови случаи, од кои 9 пациенти се болни од СИДА, а 27 се инфицирани со ХИВ.

    “Уште еднаш аплеираме до надлежните веднаш да почнат со решавање на овој проблем, бидејќи веќе доцниме со планирање на  активностите за оддржување на овие сервиси. Лани на 22 ноември, 13 партии пред изборите се обврзаа дека ќе обезбедат финансии да се одржи работата на сервисите за превенција, и се надеваме дека ќе стојат на дадената обврска. Но, без оглед каква е политичката состојба во моментов, овој проблем не може да чека, бидејќи ако се остави за следната година, или веќе за наесен ќе биде доцна“, вели Божиноска.

    Партиите кои ја потпишаа Декларацијата за обезбедување на финансирањето на програмите за заштита, превенција и поддршка од ХИВ, предложена од повеќе граѓански организации беа Демократска обнова на Македонија, Демократски сојуз, Движење за реформи ДПА, Достоинство, Левица, Либерална партија, Либерално-демократска партија, Нова социјалдемократска партија, Партија за европска иднина, Партијата за целосна еманципација на Ромите, Социјалдемократски сојуз на Македонија, Унитети, Фродем.

    Владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не ја потпишаа декларацијата.

    Е. БОЧВАРОСКА

     

     

     

    disklejmer-prikazni-23734

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира