ИНФОЦЕНТАРОТ НА ПЕЛИСТЕР ПО ЕДНА ГОДИНА ДОБИ ВОДА И СЕ ОТВОРА ЗА ПОСЕТИТЕЛИ, НА 22 ДЕКЕМВРИ ИМА НОВОГОДИШЕН БАЗАР

    ИНФОЦЕНТАРОТ НА ПЕЛИСТЕР ПО ЕДНА ГОДИНА ДОБИ ВОДА И СЕ ОТВОРА ЗА ПОСЕТИТЕЛИ, НА 22 ДЕКЕМВРИ ИМА НОВОГОДИШЕН БАЗАРНовогодишниот базар „Куќа имам на Пелистер“ ќе се одржи во Инфоцентарот познат и како „На Лазо вилата“. (Фото: СДК.МК)

    Инфоцентарот на Пелистер, иако е сместен на локацијата Седум Кладенци, една година поради дефект беше без вода и недостапен за посетителите. Новиот директор на Националниот парк „Пелистер“ Иванчо Тошевски денеска на прес-конференција соопшти дека дефектот е поправен и конечно Инфоцентарот, познат и како „На Лазо вилата“, за многу скоро ќе ги отвори вратите за посетителите. На 22 декември од 11 часот таму започнува новогодишниот базар „Куќа имам на Пелистер“ за да ја обедини целата туристичка понуда на Пелистер и поширокиот регион.

    „За локација е токму избран Инфоцентарот зашто во иднина тој ќе биде стартна точка за сите активности на Пелистер и многу набрзо ќе биде достапен за сите планинари, љубители на природата и други посетители. Благодарение на нашите стручни лица го решивме дефектот со водата. Идејата е во текот на оваа зимска сезана да биде отворен за посетителите да можат да влезат и да го користат како нивен дом. На дополнителен состанок ќе го утврдиме работното време со планинарските здруженија и во соработка со Планинарска федерација со која ќе договориме и други активности како уредување на патеки и слично“, рече Тошевски.

    На новогодишниот базар ќе се претстават повеќе од 20 локални производители на храна и пијалоци, ресторани, хотели, кафе-барови, туристички агенции и лица кои нудат дополнителни туристички содржини како кањони во Мариово, џип сафари на Пелистер, екстримбајкинг, ултратреил маратонот и други авантуристички предизвици, а цените ќе бидат намалени.

    За да не се направи сообраќаен метеж, организаторите апелираат посетителите да го користат бесплатниот јавен превоз кој во 10:15 часот поаѓа од Атпазар, Шехерзада, Црн Мост Довлеџик и во исто време од Спортска сала, Болница, Новиот пазар, а враќањето ќе биде во 15:30 часот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира