Јавното претпријатие „Паркинзи“ од Битола распишало јавна набавка и изнајмило лизгалиште уште пред Советот да даде согласност за промена на статутот на фирмата со која се дозволува вршење забавни работи. Промената на статутот на претпријатието беше поставена дури денес на дневен во ред на вонредната седница на Советот, а лизгалиштето веќе е поставено во строгиот центар на Битола на плоштадот Магнолија и утре во 18 часот ќе започне со работа.
Ваквата постапка предизвика револт кај советниците од опозицијата кои сметаат дека биле доведени пред свршен чин. Претседателката на Советот Габриела Илиевска, од независната советничка група Поинаку, рече дека не се против лизгалиште, туку сакаат да се запазат законските процедури. Таа го праша директорот на претпријатието Зоран Михајловски дали смееле да распишат набавка пред да ја прошират дејноста?
„Откако станав јас на говорница вие пуштивте писмо до Бирото за јавни набавки дали смеевте да ја распишете или не. Многу ми е жал што сте донесени во такава ситуација. Не може во градот да одлучуваат тројца луѓе и денес да сме доверени пред свршен чин за нешто што треба заеднички да го изгласаме. Лизгалиштето е веќе поставено, ние ќе гласаме ‘за’, но ќе повикаме да се испита целата спроведена постапка. Во овој момент треба да се запрашаат сите колку луѓе се земени на душа, бидејќи во последните 10 дена сме сведоци на апсења баш за јавни набавки. На градоначалникот малку му беше еден директор со кривична пријава, па сака да има уште еден или неколку“, рече Илиевска.
Советникот Петар Николовски од СДСМ рече дека не се против лизгалиште, но ќе гласаат воздржано зашто не се согласни со локацијата, начинот на јавната набавка и со политика „купи ден- продај“.
„Како е можно ваква одлука да се носи во последен момент, на ден пред пуштање на лизгалиштето, односно ЈП ‘Паркинзи’ задоцнето да бара промена на дејностите? Сѐ што е добро за граѓаните поддржуваме, но не ја поддржуваме локацијата бидејќи настанува хаос во централното градско подрачје, има револт и од угостителите и од другите граѓани“, рече Николовски.
Директорот на „Паркинзи“ Зоран Михајловски призна дека лизгалиштето е изнајмено по пат на јавна набавка, но мислел дека е направена измена на статутот од претходно.
„Периодот беше многу краток за ние да си дозволиме некоја комоција сите работи да ги направиме по ред. Идејата со лизгалиштето ми беше најдобронамерна, не претпоставував дека е веќе променета дејноста и пристапивме кон креирање на јавна набавка зашто претпријатието веќе еднаш стопанисуваше со лизгалиште. Потоа арно што видовме, ќе се направеше превид“, рече Михајловски.
Изнјамувањето на лизгалиштето чини 2 милиони денари (околу 32.000 евра) кои ќе треба да се обезбедат од продажба на влезници од 100 денари по лице, а 50 денари за организирани групи ученици. Лизгалиштето е со димензии 20 на 25 метри, а набавени се 120 пара лизгалки.
Битола во 2019, во времето на Наташа Петровска како градоначалничка, имаше лизгалиште поставено кај Спортската сала, со него и тогаш стопанисуваше „Паркинзи“, но не преку јавна набавка туку како донација.
Ж. ЗДРАВКОВСКА