ПОКРЕНАТО ОБВИНЕНИЕ ПРОТИВ ЧЕТИРИ ФИЗИЧКИ И ЕДНО ПРАВНО ЛИЦЕ ЗА МАЛВЕРЗАЦИИ ПРИ ИЗГРАДБАТА НА НОВИОТ ТЕАТАР ВО ТЕТОВО, ШТО СЕ ГРАДИ ОД 2014

    ПОКРЕНАТО ОБВИНЕНИЕ ПРОТИВ ЧЕТИРИ ФИЗИЧКИ И ЕДНО ПРАВНО ЛИЦЕ ЗА МАЛВЕРЗАЦИИ ПРИ ИЗГРАДБАТА НА НОВИОТ ТЕАТАР ВО ТЕТОВО, ШТО СЕ ГРАДИ ОД 2014Објектот се најавуваше како „најзначајна инвестиција од областа на културата во градот“ и се ветуваше дека ќе биде завршен во рекорден рок (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција излезе со информација за спроведена сеопфатна истражна постапка и поднесе обвинителен акт против едно лице и обвинителен предлог против едно правно лице и три физички лица во врска со малверзации при изградбата на новите театар и библиотека во Тетово.

    Обвинение е поднесено против С. Ш. како сопственик и управител на обвинетото правно лице од Тетово, Х.Ф. – тогашен директор на Националната установа Центар за култура „Иљо Антески-Смок” од Тетово и против А.А. – претседател на Комисијата за јавни набавки, а потоа и в. д. директор на Центарот за култура. Тие во периодот од 2014 до 2020 свесно ги изигрувале прописите и правилата на постапката за доделување договор за јавна набавка и ги злоупотребиле своите службена положба и овластувања, со што за обвинетото правно лице оствариле имотна корист во износ од 832.983.064,00 денари“, се вели, меѓу другото, во соопштението издадено од Јавното обвинителство.

    Според Обвинителството, првообвинетиот С. Ш. и второобвинетото правно лице сториле продолжено кривично дело Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. Обвинетите Х. Ф. и А. А. сториле продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, а обвинетиот Б. М. сторил продолжено кривично дело Несовесно работење.

    На Денот на албанското знаме во 2014, тогашната градоначалничка на Општина Тетово Теута Арифи заедно со неколкумина министри од редовите на ДУИ го постави камен-темелникот на овој повеќенаменски објект, во кој е предвидено да има театар, библиотека со читални и киносала. Објектот е лоциран само неколку метри од постојниот Центар за култура „Иљо Антески Скок“. Изграден во 1973 година, тој ја има една од најубавите театарски сцени во Македонија и сала со над 600 седишта. Тогаш тетовските архитекти негодуваа поради избраната локација за новиот театар бидејќи ја нарушуваше архитектонската концепција на Центарот за култура, кој е еден од најпрепознатливите белези на градот.

    Објектот кој тогаш почна да се гради беше најавуван како „најзначајна инвестиција од областа на културата во градот“ и се ветуваше дека ќе биде завршен во рекорден рок. Сепак, поради нерешени имотно-правни односи, работите две години беа стопирани, а изградбата продолжи дури во 2016. Како што течеше изградбата, така се пролонгираа роковите за негово завршување и растеа трошоците и побарувањата од Владата за градежните работи.

    Согласно договорот што го имаме со изведувачот, објектот треба да се изгради до фаза на карабина и да се затвори со фасада. Според проценките, оваа фаза од изградбата ќе чини околу 13,5 милиони евра и очекуваме да биде завршена до крајот на оваа година. При изградбата, изведувачот побарал да се направи промена на основниот проект, што беше одобрено од надлежните служби на Министерството за култура со анекс-договор“, изјави тогашниот министер за култура Асаф Адеми кога во 2018 го посети објектот за да се запознае со интензитетот на изградбата.

    Со анекс-договор, поради ограничените средства за изградба, површината на објектот била намалена за 10.000 квадратни метри и бил отстранет еден кат. Уште тогаш беше најавено дека за внатрешното уредување и за опремување на објектот ќе бидат потреби дополнителни 27 милиони евра.

    Во него ќе биде вградена најсовремена сценска и ентериерна опрема, осветлување какво досега немало во Македонија, па затоа се очекува и цената на опремувањето да биде толку висока. Освен тоа, овде станува збор за опремување не само на театарот, туку и на киното и на библиотеката, кои ќе бидат во состав на овој објект“, изјави тогаш Хаки Фазлиу, директорот на Центарот за култура, кој беше задолжен од Министерството да го реализира проектот.

    Но, изградбата од година во година се одвиваше со намалено темпо, под изговор дека нема доволно средства за завршување на објектот. Во 2021, Владата донесе одлука дека во наредните четири години ќе даде дополнителни 23 милиони евра за внатрешно опремување на објектот.

    Средствата се обезбедени од Владата на Република Северна Македонија преку програмата на Министерството за култура. Втората фаза ќе чини една милијарда и 420 милиони денари или околу 23 милиони евра. Парите ќе се пуштаат по фази на изградбата до декември 2025, за кога е предвидено објектот целосно да биде завршен и внатрешно да биде опремен“, изјави во 2021 Арлинд Хусеини, тогашен директор на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“.

    Договорите за доизградба биле потпишани со фирмите „НБ компани“ од Тетово и „Пелагонија“ од Гостивар. Од 2021 до денес, колку што може однадвор да се види, завршени се градежните работи и е поставен поголем дел од фасадата.

    Засега нема информација колку од одобрените владини средства се дадени, што е потрошено и дали и каква опрема е набавена. Исто така, останува непознато уште колку пари ќе бидат потребни за конечно да се заврши овој објект. Неофицијалните проценки се дека тој ќе ги чини граѓаните меѓу 40 и 50 милиони евра.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира