Македонската скијачка Лидија Симјановска се пласираше во финалната трка во велеслалом на Светското првенство во Сент Мориц, Швајцарија, со освоеното 46. место на вчерашната квалификациска трка.
16-годишната Симјановска имаше вкупно време по двете возења од 2:24,92 минути и заостанување од 25,14 секунди во однос на првопласираната во квалификациите Марија Шканова од Белорусија. Финалето во велеслалом ќе се одржи на 16 февруари (четврток). Симјановски ќе вози и во квалификациите во слалом ден подоцна.
На Светското првенство во алпско скијање во Сент Мориц, Македонија ја претставуваат седум скијачи. Покрај Симјановска, во Сент Мориц ќе се натпреваруваат: Антонио Ристевски (слалом и велеслалом), Лука Божиновски (слалом и велеслалом), Дардан Дехари (слалом), Воислав Синадиновски (слалом), Марјан Нашоку (велеслалом) и Виктор Петров (велеслалом).