Основниот интернистички преглед ќе поскапи за 10 до 15 денари, најави денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) Сашо Клековски. Сегашната цена за специјалистички преглед кај интернист е 380 денари, а таа е цена пред повеќе од 10 години.
„Сите знаеме колку чини специјалистички преглед во приватните здравствени установи. Разгледуваме неколку опции. Цената нема да порасне колку во приватните, но зборуваме за соодветно валоризирање на трудот на специјалистите. Зголемувањето ќе биде од 10 до 15 денари, а не некакво радикално зголемување“, кажа Клековски.
За проширувањето на позитивната листа на лекови рече дека се разговара лекови кои се на позитивната листа, а кои чинат по 50 до 100 денари, да се заменат со поскапи лекови кои ќе бидат на товар на Фондот.
„Немаме евиденција колку се трошат болничките лекови. Имаме евиденција за лековите на позитивна листа преку системот на рецепти. Но, за жал, немаме никаква следливост на потрошувачката на обичните лекови во болниците. Различни институции користат различен начин на одбележување на лековите. Имаме една работна група од сите институции, да го договориме и поедноставиме начинот за да дојдеме до точна бројка на потрошени лекови во болниците“, рече Клековски.
Б. НЕСТОРОСКА