Убавото и сончево време кое денеска е на Попова Шапка сигурно ќе привлече голем број скијачи и посетители кои со своите автомобили ќе се упатат кон овој наш најголем зимски туристички центар. Иако патот до Попова Шапка редовно се одржува прооден и покрај големата висина на снегот, од СВР Тетово предупредуваат да не се тргнува на пат без зимски гуми на возилата и соодветна опрема предвидена за зимски услови на возењето.
Најавуваат засилени контроли на возилата и нема да дозволат движење кон Попова Шапка без соодветна зимска опрема.
„Полициски службеници од СВР Тетово одржаа работен состанок со претставници од Агенцијата за државни патишта и од Одделот за сообраќајни работи при општина Тетово, со цел утврдување на решение за одржување проточен сообраќај во текот на зимската сезона на Попова Шапка, посебно за време на викендите. На состанокот е договорено да се засилат контролите на возилата и доколку не поседуваат зимска опрема и зимски гуми, да не им се дозволува да продолжуваат кон Попова Шапка, како и да се даде препорака да се користи јавниот превоз на патници, кој за време на викендите ќе има редовна линија со распоред Тетово-Попова Шапка и обратно. СВР Тетово апелира до граѓаните кои патуваат кон овој зимски рекреативен центар да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не ги паркираат нивните возила на несоодветни места односно да не го попречуваат нормалниот тек на сообраќајот“, соопштуваат од СВР Тетово.
На Попова Шапка сега има околу 70 сантиметри снег. Од минатата недела од Тетово до Попова Шапка, за време на викендите, воспоставена е редовна автобуска линија, а повратна карта чини само 200 денари.
З. АНДОНОВ