Михаил Кавелашвили, поранешен фудбалер и десничарски популист, положи заклетва како нов претседател на Грузија во време на повеќемесечна политичка криза. Претходната претседателка Саломе Зурабишвили, истиот ден ја напушти резиденција во претседателската палата во Тбилиси, но рече дека таа останува легитимна претседателка.
Прозападната Зурабишвили, чиј мандат заврши денеска, рече дека нема да се повлече. Таа тврдеше дека Кавелашвили, избран во пратеничкиот дом во кој доминира владејачката „Грузиски сон“, е „нелегитимен“.
Грузија е место на антивладини протести откако „Грузискиот сон“ прогласи победата на парламентарните избори во октомври, кои според меѓународните организации и грузиската опозиција беа спроведени и нарушени со случаи на купување гласови, двојно гласање, физичко насилство и заплашување. Протестите се интензивираа по одлуката на владата минатиот месец да ги одложи преговорите за пристапување на Грузија во Европската унија.
Во денешниот говор пред илјадниците поддржувачи пред претседателската палата, Зурабишвили која им се придружи на демонстрантите, рече дека таа останува „единствената легитимна претседателка“ и вети дека ќе продолжи да се бори против Кавелашвили. Нејзините изјави следеа кусо откако 53-годишниот Кавелашвили, тврдокорен критичар на Западот, беше инаугуриран на церемонија во парламентот.
Еден ден претходно, Зурабишвили им се придружи на демонстрантите во Тбилиси додека учесниците на протестот вееја грузиски и знамиња на ЕУ, пуштаа музика и маршираа по мостот Сарбрикен во главниот град за да формираат „синџир на единство“. Со вчерашниот собир беше одбележан еден месец од почетокот на неодамнешниот бран антивладини протести, кои беа проследени со насилни полициски акции, повредени луѓе и масовни апсења од страна на грузиските власти. Демонстрантите ја обвинуваат владата на партијата Грузиски сон дека ја оддалечува земјата од ЕУ и се приближува до Москва.