„Ова е само моментален договор кој во иднина нема да биде пракса“, рече министерката за енергетика Сања Божиновска за договорот што Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) без јавен оглас, односно преку постапка на преговарање, го потпишаа со фирмата „Топлина“ од Подмоље, Охридско, за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во РЕК „Битола“. Оваа фирма до пред еден месец беше подизведувач на „Марковски компани“, со која новото раководство на ЕСМ го раскина договорот поради неисполнети обврски и недоволно ископани количини јаглен.
„За новиот договор слушнав вчера. По посетата на МЕПСО во Битола, одам во РЕК, ќе дознам повеќе информации. Единствено што знам е дека е помала цената за 15 проценти, односно сега е 49 денари за гигаџул. Има распишан тендер и ова е само договор кој е моментален и нема да биде пракса во понатамошните набавки, туку е само за да се премости овој период зашто договорот со ‘Марковски компани’ беше раскинат, но ова нема да биде пракса. Ќе има транспарентни тендери кои ќе бидат распишани и пониски цени, се надеваме, од тоа што беа“, рече Божиновска, која присуствуваше на пуштање во уотреба на нов трансформатор на МЕПСО во Битола.
Минатиот месец, РЕК „Битола“ го раскина договорот со „Марковски компани“, со образложение дека фирмата неодговорно постапува во однос на исполнувањето на обврските пропишани со договорот тежок 46 милиони евра и не ископала доволно јаглен поради што ја загрозила енергетската стабилност на државата.
Од ЕСМ соопштија дека станува збор за привремено ангажирање на економски оператор до изборот на изведувач на објавениот јавен повик што сè уште е во тек.
„Изборот е направен со претходно добиена согласност од Бирото за јавни набавки испратена до АД ЕСМ на 17 декември, 2024 година, преку постапка со преговарање во случај на крајна итност, согласно член 55, став 1 од Законот за јавни набавки. Итноста се должи на потребата од обезбедување на доволни количини на јаглен за континуирано производство на електрична енергија во термоелектраните ‘Битола’ – согласно планот за производство“, соопшти ЕСМ.
Од таму додаваат дека за време на постапката, Комисијата за јавни набавки при АД ЕСМ, испратила покани до пет компании кои во последните пет години за истиот предмет на набавка во својство на самостојни понудувачи редовно учествувале на јавните огласи за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во РЕК „Битола“. Најниска цена за услугите понудила фирмата „Топлина“. Според преговараните услови, избраниот изведувач ќе ги извршува задачите за околу 15 отсто пониска цена во однос на економскиот оператор со кој на почетокот на минатиот месец РЕК „Битола“ еднострано ја раскина соработката поради непочитување на одредбите од договорот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА