Откако во Собранието вечерва не поминаа интерпелациите на вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоиљковиќ, истото се случи и со таа на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Од присутните 70 пратеници, 7 беа „за“ одговорност, а 63 „против“. Интерпелациите ги поднесе Европскиот фронт на чело со ДУИ.
Пратеникот Елми Езири од Европскиот фронт кажа дека откако е Тошковски една година на чело на Министерството, тоа е претворено во МВРО-ВМРО и оти кај албанските граѓани се намалува довербата во институцијата.
„МВР е најбитното Министерство, неопходно за ред, стабилност и функционалност на државата, но за нас со декади е институција во која Албанците не се третирани на еднаков начин. Критериум е етничката припадност, а вие не дадовте најдобар пример граѓаните да ја сменат таа перцепција за Министерството. Денес МВР за помалку од седум месеци се претвори во МВР-ВМРО, земјава се претвори во полициска држава која им се заканува на граѓаните, ги заплашува конкретно Албанците да не креваат глас. Ова не може да се толерира“, кажа Езири и го потсети Тошковски дека функцијата ја почнал со мега скандал.
Тошковски во одговорот му кажа на Езири дека во празниот говор, според него, не кажал апсолутно ништо и оти освен Албанците, Албанците, Албанците, не чул ниеднаш да ги спомне и Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците.
„Патем, не се апсат Албанци, Македонци, Турци, Власи, туку се апсат криминалци и ќе се апсат. Сите кои душмански го краделе народот ќе се апсат, но не со циркузи како во ваше време, туку културно“, говореше Тошковски кон Езири и набројуваше криминални групи кои биле поврзани, како што рече, со функционери од ДУИ.
По ова излезе Блерим Беџети од ДУИ и му кажа дека иако толку вика и се заканува, тие не му се плашат на Тошковски. Го нарече „повеќе разузнувач“ отколку министер. Му кажа да си го преслуша говорот, тонот пред пратениците, да се преиспита и да научи дека ништо не почнува од него.
„Покажување мускули, таму негде надвор, а не овде. И нормално е да се справувате со криминалот и да апсите, тоа ви е работа“, му рече Беџети на Тошковски.
Арбана Пашоли го обвини за видно зголемената концентрација на полиција на секој ќош во Скопје на 28 Ноември, кога албанските граѓани од целиот свет го слават албанското знаме, играат и пејат. Според неа, тоа ги предизвикало неколкуте млади луѓе да го сквернават македонското државно знаме.
Тошковски ѝ одговори дека се надева оти ни таа самата не си верува на изјавата , ѝ кажа дека истиот ден лицето кое го запалило албанското знаме било притворено како и тројцата што го запалија македонското и додаде дека во иднина ќе оди в затвор секој кој ќе запали знаме на територијата на Македонија.
Еден час пред полноќ, пратениците не ја изгласаа ни интерпелацијата против заменикот-министер за внатрешни работи Астрит Исени.
Најголем дел од денешната седница со интерпелации фати таа на претседателката ка собраниската комисија за труд Илире Даути од ДУИ, чија интерпелација беше прифатена, но бадијала, зашто претседателот Африм Гаши кажа дека тоа нема да има правна последица и Даути ќе продолжи да биде претседателка на таа комисија. Претседателското место на таа комисија во Собранието му припаѓа на Европскиот фронт на чело со ДУИ.
С. К. ДЕЛЕВСКА