Проектот на заеднички историски книги за сите земји од Југоисточна Европа влегува во нова, дигитална фаза. Овие шест книги се напишани на 11 јазици од стотици историчари и професори од Југоисточна Европа и го покриваат периодот од Отоманската Империја до 2008 година.
„Врз основа на трудот на стотици историчари и учители од Југоисточна Европа, JHP 2.0 е фокусиран на ангажирање млада и нова публика, пред сѐ, во дигиталната сфера. JHP 2.0, како и досега, ќе продолжи да стимулира знаење и креативност, како кај историчари и наставници, така и кај уметници, новинари и сите кои сакаат да ја промовираат демократската политичка култура во Југоисточна Европа“, велат од проектот што го спроведува Европскиот фонд за Балкан, а финансиски го поддржува Министерството за надворешни работи на Германија.
Фокусот на кампањата „Учи и инспирирај“ ќе биде ставен на креирање содржини на социјалните мрежи, видеа, стрипови, статии, академски студии и други содржини за поттикнување љубопитност, емпатија, критичко размислување и размислување за историјата.
Предвидено е во мај да се одржи научна конференција за концептот на границите во Југоисточна Европа. Централно прашање ќе биде дали регионот се еманципирал од желбата за разграничување и партикуларизам.