Размислуваме да создадеме Центар за обука на пилоти во Македонија, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, по состанокот нa Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, чиј претседател е тој. Како што рече Тошковски, на седницата разговарале дека се потребни системски решенија за справување со пожари, поплави, земјотреси во земјава, како и создавање на една функционална институција.
„Државата има тотално нефунционален систем кој треба да одговори на кризи. Ние ги задолжуваме институциите со нови превентивни мерки да бидеме поспремни. но факт е дека вакво нефуционално системско решение е оставено од претхдниците и многу е тешко да се стави во ред за кратко време. Размислуваме да создадеме Центар за обука на пилоти во Македонија и работиме на тоа. Тоа е нешто кое на времето го имало, но претпоставувам поради некадарност го уништиле изминативе години“, рече Тошковски.
Министерот рече дека изминатите месеци работни групи работат на легислативата, потоа утврдуваат точни чекори кои треба да се преземат, предвидуваат кои членови треба да се укинат и кои се закони треба да се сменат.
„Мислам дека околу 19 закони се поврзани со темата, во насока на тоа како да создадеме системско решение и темелно и сериозно е сфатена работата за реорганизација. Заради тоа имаме состанок на Управувачкиот комитет во јануари, а не во јуни како што се правело претходно“, кажа Тошковски.
Б. НЕСТОРОСКА