Премиерот Христијан Мицкоски вели дека е Фројд е чудна работа и дека не знае каде се препознале Грците, откако вчера грчкото МНР реагираше на неговата изјава дадена пред иселениците во Њу Џерси дека македонското прашање не е решено. Од грчкото МНР го обвинија Мицкоски за иредентизам и додадоа дека македонското прашање е затворено со Преспанскиот договор.
Мицкоски денеска во Петровец, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека македонското прашање нема да биде затворено додека не станеме полноправна членка на Европската унија.
„Не знам каде се препознале. Дали можеби имаат грижа на совест, па работи потсвеста, Фројд е чудна работа. Но, јас нема да навлегувам во таква дебата. Македонското прашање нема никогаш да биде затворено додека главните и стратешки цели не се реализираат, а тоа е полноправнo членство во Европската Унија“, одговори Мицкоски на новинарско прашање што подразбира со изјавата дека македонското прашање не е решено.
Понатаму, Мицкоски потсети дека „Судот за човекови права има донесено плејада пресуди кои што се однесуваат на човековите права на македонската заедница во нашиот источен сосед, кои што не се почитуваат“.
„И тоа е нешто кое што претставува сериозен проблем. Вие гледате дека во 21 век сѐ уште е предизвикан и македонскиот идентитет. Би било неодговорно, несериозно, издајнички од мене ако јас кажам дека македонското прашање е затворено. Не е затворено и ќе се борам за македонското прашање сѐ додека ја вршам оваа улога која што ја вршам, а тоа е претседател на македонската Влада, бидејќи граѓаните тоа го очекуваат од човекот кој што ја предводи македонската Влада“, вели премиерот.