Амбасадорот на Кралството Холандија, Ваутер Пломп, ги повика судовите и сите други органи, вклучувајќи ја и новата влада да му дадат поддршка на Специјалното јавно обвинителство да ја заврши својата работа независно, објави агенцијата „Мета“.
„Една од битните работи на која идната реформска влада ќе треба да се фокусира е отчетноста и одговорноста. Кога зборуваме за отченост тоа значи поддршка на работата на Специјалното јавно обвинителство, односно поддршка од страна на судовите и сите други органи за да може СЈО да ја заврши својата работа независно“, изјави Пломп по денешната презентација на истражувањето „Неосновани притворени – правни и буџетски импликации“, во ЕУ-Инфо центарот во Скопје.
Тој, исто така, се надева дека Македонија ќе има влада која ќе биде реформски ориентирана, особено на реформите кои се однесуваат на владеењето на правото, како и во другите области кои што се битни во овој процес.
„Ако ме прашувате како ги коментирам последните случувања и преговорите за формирање на владата, можам само да го повторам тоа што комесарот Јоханес Хан, како претставник на Европската Унија го кажа за време на неодамнешната посета на земјава, а тоа е дека – нема време за губење. Од друга страна ќе потенцирам дека исклучиво зависи од македонските политички партии и политичари да одлучат за иднината на нивната земја“, додаде Пломп.