САТИРИЧАРОТ МИЛЕ ЃОРЃИЈОСКИ ЌЕ ПОСАДИ 68 ЈАВОРИ ВО МАНАСТИРОТ „СВЕТА БОГОРОДИЦА БАЛАКЛИЈА“ ВО ДЕЛЧЕВО

    САТИРИЧАРОТ МИЛЕ ЃОРЃИЈОСКИ ЌЕ ПОСАДИ 68 ЈАВОРИ ВО МАНАСТИРОТ „СВЕТА БОГОРОДИЦА БАЛАКЛИЈА“ ВО ДЕЛЧЕВОЃорѓијоски почнува еколошка мисија за донација и садење јаворови садници во Делчево и околината. (СДК.МК)

    Еколошката акција на засадување на јаворови садници која ќе се одржи утре (26 јануари) во манастирскиот комплекс „Света Богородица Балаклија“ во Делчево е во организација на Планинарскиот спортски клуб „Голак“ од овој град. Македонскиот сатиричар Миле Ѓорѓијоски донира 68 садници јавор во чест на својот 68. роденден, а „Голак“ ќе засади плус 11 јавори садници во чест на 11-годишнината на клубот. Кон акцијата се придружуваат и невладината организација „Жена“ и пекарата „Луна гив“ од Делчево.

    „Планирам во наредните години да издавам најмалку по една книга со афоризми, а во иднина секоја година ќе посадувам по една садница повеќе во знак на моите години и посакувам оваа хумана и еколошка акција да стане семејна традиција која ќе ја продолжат моите деца и внуци“, вели Ѓорѓијоски.

    Ѓорѓијоски важи за еден од најпродуктивните македонски сатиричари, автор е на првата светска антологија на мудри мисли, поговорки и афоризми од антиката до денес, а пред неколку години со неговото 35-то издание на книга со 1.000 аформизми го заокружи своето творештво со објавени над 15.000 афоризми, досетки и разни мудри мисли од сите области, од политика до спорт.

    Тој има напишано книги со афоризми и за деца, а во изминатаите години работеше на второто издание на мудри мисли, поговорки и афоризми на познати светски филозофи, писатели, музичари, политичари и афористичари, на личности како Аристотел, Соломон, Ниче, Линколн, Ганди, Леонардо да Винчи, Пушкин, Моцарт, Андриќ,како и македонските великани Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Влада Урошевиќ и други. Автор е и на едицијата „Од Вардар до Владивосток“ која содржи избрани афоризми од афористичари од Србија, Русија и Македонија.

    Тој е во организацијата и на меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“ кој се одржува во Македонска Каменица во чест на првиот македонски печатар.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира