Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски најави дека се планираат повеќе промени за да се најде долгорочно решение за дефицитот на лекови за онколошките пациенти.
На Клиниката за онкологија од минатата недела нема шест лекови од биолошката терапија, а според министерот за здравство Арбен Таравари, оваа недела ќе ги има шесте биолошки лекови.
Клековски денес рече дека со Институтот за патологија и ПЕТ-центарот разгледуваат како да се скрати времето на дијагностика за, како што рече, „сите тие милиони што ги инвестираме во посебно скапа терапија да имаат некаква смисла“.
„Тоа значи доекипирање на патолошки лаборатории надвор од Скопје, зголемување на капацитетот на ПЕТ-скен, забрзување на постапките. Она што ќе го направиме во терапевтскиот дел е зголемување на основниот буџет за речиси 40-50 проценти, тоа треба да биде одобрено оваа недела. И тоа ќе биде значајно отскокнување, некои од критичните лекови ќе бидат зголемени двапати – од три-три и пол илјади вијали на шест-седум илјади вијали годишно“, рече Клековски.
Ќе треба да се разгледа и децентрализацијата на терапијата и дел од таблетарната да биде на позитивна листа за да може да се подига надвор од Онкологија, а рече и дека ќе бараат начин како дел од биолошката терапија да се доделува надвор од Клиниката за онкологија.
„Ние имаме онколошки одделенија во Градската општа болница (ГОБ) ‘8 Септември’ во Скопје, во Штип, Битола и во Тетово, кои во овој момент не третираат со биолошка терапија. Или ќе третираат или нема потреба да имаме онколошки одделенија што не работат. Мислам дека заедно со подобрување на Регистарот на пациенти, за да се обезбеди една предвидливост на промените, ќе ја стабилизираме ситуацијата“, кажа Клековски по настанаот за завршување на проектот за „Имплементација на стратегијата за здравство 2021-2030 година“.
Според Таравари, нема недостиг на целата онколошка терапија туку и и тоа само шест-седум дена.
„Се надевам дека оваа недела Клиниката за онкологија ќе биде снабдена со биолошка терапија. Ние досега сме имале дури повеќе отколку минатите години биолошка терапија. Меѓутоа, побарувањата од пациентите се многу поголеми, затоа веќе имаме протоколи и конзилиум од доктори, бидејќи навистина е луксузна и не треба да се даде баш секаде, туку таму каде што е индицирано и таму каде што лекарскиот конзилиум ќе одлучи дека треба да се даде биолошка терапија“, рече министерот.
Додаде и дека покрај другите клиники и болници каде што ќе биде распределен кадарот за кој има одобрение за вработување, во посебен фокус е Клиниката за онкологија, за која се планира и реорганизација односно децентрализација во третирањето на пациенти со карцином.
„Интензивно работиме ‘8 Септември’ набрзо да почне да функционира со цел во Клиниката за онкологија да има помалку пациенти. Штип, Тетово и Битола функционираат. Ние во овој период веќе размислуваме и да се реорганизира Клиниката за онкологија, да функционира слично како Токсикологија. Дирекцијата да биде единствена и директорот да може да ги управува сите подединици кои ќе бидат во градовите каде што може да се подели или да се ординира онколошката терапија. Со тоа ја реализираме нашата цел да има децентрализација и во онкологијата“, рече Таравари.
Б. НЕСТОРОСКА