ПОРАЗИТЕЛНО Е ШТО ВО РАЗВИЕНИ ОПШТИНИ КАКО СКОПЈЕ, ЦЕНТАР И КАРПОШ ИМАМЕ НАЈНИЗОК ОПФАТ НА ХПВ ВАКЦИНА КОЈА СПРЕЧУВА РАК НА ГРЛО НА МАТКА, ВЕЛАТ ДОКТОРИТЕ

    ПОРАЗИТЕЛНО Е ШТО ВО РАЗВИЕНИ ОПШТИНИ КАКО СКОПЈЕ, ЦЕНТАР И КАРПОШ ИМАМЕ НАЈНИЗОК ОПФАТ НА ХПВ ВАКЦИНА КОЈА СПРЕЧУВА РАК НА ГРЛО НА МАТКА, ВЕЛАТ ДОКТОРИТЕПроф.д-р Славица Костадиновска-Куновска од Институтот за патологија, проф. д-р Грозданова, проф.д-р Димитров, проф. д-р Алексиоска-Папестив и порф. д-р Игор Стојковски, директор на Клиниката за онкологија меѓу учесниците на денешната прес-конференција. (Фото: Принтскрин од видео)

    Опфатот со ХПВ вакцинација во Македонија во 2023 е 58, 6 отсто, откако во време на ковид пандемијата падна на 35, 5 отсто, рече денеска националната координаторка за имунизација проф. д-р Александра Грозданова. На прес-конференцијата во организација на Македонското лекарско друштво во чест на Неделата за превенција од рак на грлото на матката, д-р Грозданова говореше дека ХПВ вакцината во основа претставува вакцина која спречува карцином.

    „Од сите други земји во околината Македонија е лидер по опфатот со оваа вакцина. Двата фактора многу влијаат, многу подолго вакцинираме од сите други и навистина многу работевме во овој сегмент. За жал урбаните, високоразвиените општини како што е Скопје, посебно Центар и Карпош и тоа е состојбата за сите вакцини, каде очекуваме да имаме едуцирана, економско ситуирана и социјално безбедна содржина, ние имаме најниско ниво на опфатот со ХПВ. Во Пехчево, Демир Хисар имаме 100 отсто опфат. Еден лекар ми вели: ‘Па зарем јас би ги вакцинирал моите три внуки или моите најблиски ако не стојам 100 отсто зад таа вакцина? И таа доверба која ја имаме во малите средини помеѓу здравствениот персонал, корисниците и пациентите, за жал во Скопје ја нема. И тоа сериозно треба да го работиме како наш предизивик“, кажа д-р Грозданова.

    Според неа, демографските проблеми кои се случуваат не само во Македонија туку и секаде во светот доведуваат до тоа дека популацијата е сѐ постара. Имаме сѐ повеќе хронични болести кои се третираат многу долго, но и многу скапо.

    „Имаме изразен пад на наталитетот кои државите како Македонија многу поболно ќе го почувствуваат и тука мора да разговараме многу свесно за здравјето и животот на жените.  Сѐ повеќе се соочуваме со негативниот ефект на социјалните мрежи, во делот на здравството, во делот на самолекување и советување. Гледаме дека се сѐ многу погласни, многу поагресивни се кулоарските здравствени совети кои за жал многу го кородираат нашето здравство. Недовербата во здравствените  системи го прави сето тоа“, рече д-р Грозданова.

    Од денешната презентација за последните статистики за ХПВ вакцинацијата. (Фото: СДК.МК)

    Проф. д-р Ирена Алексиоска-Папестиев, директорка на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје (ГАК), рече дека во нивните клинички пракси сѐ почесто имаат помлади пациентики кај кои се детектира ХПВ вирусот.

    „Жената денеска многу поинаку се однесува отколку претходно, односно заради кариерата обично го одложува реализирањето на нејзината репродуктивна функција. Најсликовито колку е застапен ХПВ вирусот говори податокот дека ако сте имале сексуален однос барем со еден партнер незаштитен, во 80 отсто од случајот сте ја добиле инфекцијата. Ако сте имале барем со тројца партнери незаштитен однос, 100 отсто сте ја имале таа инфкеција. 99,7 отсто од цервикалните карциноми се последица на ХПВ инфекцијата. Затоа е најдобро нештото да се превенира, има човек кој направил вакцина за која добил Нобелова награда. Имам ќерки и ќе ги вакцинирам. Она што го прават социјалните мрежи денес, урбаните места како што се Скопје, Охрид, да бидат со толку низок процент од 11 до 19 отсто е поразително. Ние треба да стигнеме до населението и да кажеме дека јас мојата ќерка ќе ја вакцинирам на 12 години не затоа што мојата ќерка нема да се однесува како што вие мислите дека вашата ќе се однесува на 12. Научните трудови покажуваат дека на возраст од 12 до 14 години организмот има најголем имунолошки одговор, тогаш создава најмногу антитела и тие траат токму во тој вунарабилен период од 10 до 20 години кога најчесто се менуваат и луѓето имаат незаштитен однос“, рече директорката на ГАК.

    Д-р Алексиоска-Папестив кажа дека и покрај тоа што имаме одлична примарна и секундарна превенција, присутен е ракот на грлото на матката. Вакцинацијата беше воведена во 2008 , и вели, тогаш имавме над 60 отсто вакцинирани и бевме горди. Иако сме подобри во регионот, сепак, рече таа, треба да се поработи на  превенцијата, бидејќи цервикалниот карцином може да се превенира, од тоа најголем бенефит има пациентот пред сѐ.

    Фото: СДК.МК

    „ХПВ базираниот скрининг можеби на почеток изгледа скапо, меѓутоа тоа е инвестиција. Ни се случило, ни доаѓа 21 годишна пациентка со цервикален карцином, а ние сме приморани да ја пратиме на Инстутот за радиологија, а пред три години истата да почине. Значи тоа чинело живот, чинело многу пари од Фондот за здравство да ја лекуваме, а ние клиничарите сме трошеле и време и ресурси. Значи, вакцинацијата и ХПВ базираниот скрининг треба да се сфатат како една инвестиција од која има корист и пациентот и Фондот и здравствените работници. За да се искорени цервикалниот карцином до 2030 година треба 90 отсто од жените да бидат вакцинирани, 70 отсто да бидат скринирани, за 90 отсто да бидат спасени. За жал, сѐ повеќе во клиничката пракса гледаме нормален ПАП и после тоа пациентка доаѓа со инвазивен карцином. Најдобро е да имаме котестинг и ХПВ и цитологија“, рече д-р Алексиоска-Папестиев.

    Проф. д-р Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво, како и секогаш во јавните обраќања, потсети дека ХПВ тестирањето треба да се воведе како примарен скрининг, оти има точност од 99, 99 отсто.

    „Секогаш кажуваме една реченица од професорот Марк Арбин, епидемиолог од Белгија, кој тврди дека два ХПВ теста се поевтини од еден ПАП тест. Затоа што, ако е толку голема точноста на ХПВ тестот во откривањето на предраковите промени, нема да дојде до рак на грлото на матката, нема да дојде до огромни трошоци кои се имплементираат во лечењето на веќе заболените. Нашата препорака, а и во сите земји во Европа, е дека ХПВ тестирањето мора да се воведе како најдобар метод за скрининг. Цитологот Леополд Кост, кој е еден од најголемите имиња на цитологијата, вели дека ако порано ПАП тестот во цитологијата беше триумф, сега е трагедија. Затоа, се препорачува во сите финансиски сетинзи, во сите земји да се воведе ХПВ тестот како примарен скрининг, како права алатка во скенирањето на ракот на грлото на матката“, вели д-р Димитров.

    Б. НЕСТОРОСКА

    МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА И ОВА:

    СЛЕДЕТЕ ГО НАШИОТ ЈУТЈУБ КАНАЛ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира