ЗА НЕКАЗНИВОСТА НЕ Е ВИНОВНО САМО СУДСТВОТО, ТУКУ И ВЛАДАТА И СОБРАНИЕТО, ВЕЛАТ СУДИИТЕ ОД ОСНОВНИОТ КРИВИЧЕН СУД СКОПЈЕ

    ЗА НЕКАЗНИВОСТА НЕ Е ВИНОВНО САМО СУДСТВОТО, ТУКУ И ВЛАДАТА И СОБРАНИЕТО, ВЕЛАТ СУДИИТЕ ОД ОСНОВНИОТ КРИВИЧЕН СУД СКОПЈЕСудиите од Основниот кривичен суд Скопје велат дека се неточни шпекулациите дека обвинетиот бил претходно осудуван и се воделе други кривични постапки против него. (Фото: СДК.МК)

    Судиите од Основниот кривичен суд Скопје велат дека неказнивоста во нашето општество не е генерирана само од судската власт, туку е проблем на сите три власти (судска, извршна и законодавна, н.з.), а тоа може да се утврди доколку се имаат предвид сите Закони за амнестија, помилувања и измени на Кривичниот законик со кои целосно или делумно се ослободени голем број осуденици лица.

    Судиите и Подружницата на здружение на судии на Основен кривичен суд Скопје денеска излегоа со соопштение, како што велат оттаму, поттикнати од бурните реакции во јавноста по повод донесената неправосилна пресуда за сосема друг случај поврзан со Васил Јованов, кој ја прегази Фросина Кулакова на „Партизанска“.

    „Неказнивоста во нашето општество не е генерирана само од Судската власт, туку е проблем на сите три власти а тоа може да се утврди доколку се имаат предвид сите Закони за амнестија, помилувања и измени на Кривичниот законик со кои целосно или делумно се ослободени голем број осуденици лица.
    Судиите постапуваат исклучиво врз основа на Уставот, Законите и Меѓународно ратификуваните договори, раководејќи се по начелата за независност, непристрасност и правичност, но и начелото на јавност и праксата од јавно достапните правосилни пресуди. Ја повикуваме јавноста да не подлегнува на провокации, лажни вести и шпекулации, како и стигматизирање и линч на еден судија, заради постигнување на други цели. Сè додека разумно не се согледаат причините за ваквите пропусти, можноста за нивно повторување се зголемува. Затоа во име, не само на последната жртва, туку во име на сите претходни жртви во сообраќајот, изразуваме сочувство и бараме со рационален и објективен пристап да се утврдат причините за овие немили настани со цел да изградиме побезбедно општество за граѓаните, во чие име ги носиме пресудите“, се вели во соопштението.

    Понатаму, овие судии велат дека пресудата против Јованов за кривично дело за наркотици сè уште не е правосилна односно е во фаза на одлучување во Апелациониот суд Скопје.

    „Судијата Даниела Алексовска-Стојановска при одлучувањето за санкцијата се водела исклучиво согласно Законските одредби, слободното судиско убедување и воспоставената судска пракса, како и наводите на јавниот обвинител кој во Завршните зборови навел: …обвинетиот е многу млад и до сега не бил во судир со законот, па во овој комплексен предмет најмногу заради возраста на обвинетиот и фактот што потекнува од современо функционално семејство, на судот му останува задачата да определи најдобра санкција, со која ќе му се влијае на обвинетиот да сфати дека преземал противправни дејствија“, велат судиите.

    Тие велат дека се неточни шпекулациите дека обвинетиот бил претходно осудуван и се воделе други кривични постапки против него, „што е евидентно и од наводите на Јавниот обвинител и Казнената евиденција, а кои се тие фамозни 10 пријави по кои постапувал истиот судија за истиот обвинет се прашуваме и ние, зошто такви пријави не се процесуирани до судот“.

    Оттаму велат и дека прашање е дали доколку била изречена и казна затвор, мерката притвор ќе можела да опстои пред повисоките судски инстанци имајќи ја предвид досегашната судска пракса, препораките од Судот за човекови права во Стразбур и постојани критики на Меѓународната заедница дека мерката притвор не смее да се користи како казна.

    „Дотолку повеќе што и при укинување на мерката притвор, Јавниот обвинител не вложил жалба на притворот туку вложил само на кривичната санкција“, се вели во соопштението.

    Судиите од Основниот кривичен суд Скопје велат дека судот преку медиумите за првпат дозна дека истото лице претходно бил сторител на сообраќајна незгода, но наместо истата да се процесуира во судот, завршила во Јавното обвинителство каде во согласност со обвинителот, платил парична казна од 18.000 денари.

    „Надлежните органи можат да утврдат дали и во тој случај имало умисла кај лицето“, се вели во сооштението и ги повикуваат надлежните судски институции да ги искористат механизмите за проверка на првостепната пресуда и да утврдат дали постојат евентуални пропусти во постапката и дали воопшто имало услови за изземање на судијата во контекст на сите шпекулации за нејзина поврзаност со семејството на обвинетиот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира