ГРАФИТИ „ТРСТ Е НАШ“ И „СМРТ НА ФАШИЗМОТ, СЛОБОДА ЗА НАРОДОТ“ ИСПИШАНИ ПРЕД СПОМЕНИКОТ НА БАЗОВИШКАТА ЈАМА ВО ИТАЛИЈА

    ГРАФИТИ „ТРСТ Е НАШ“ И „СМРТ НА ФАШИЗМОТ, СЛОБОДА ЗА НАРОДОТ“ ИСПИШАНИ ПРЕД СПОМЕНИКОТ НА БАЗОВИШКАТА ЈАМА ВО ИТАЛИЈАЧинот предизвика остри реакции од италијанските власти. (Фото: АНСА)

    Ден пред одбележувањето на Денот на сеќавањето (9 февруари), симболот на историските трауми – Базовишката јама – стана мета на вандализам, објави италијанската новинска агенција АНСА. Натписи со црвена боја „Трст е наш“ и „Смрт на фашизмот, слобода за народот“, се појавија на спомен-обележјето, додека третиот графит, на италијански, алудираше на историските контроверзии околу природата на јамата.

    Базовишката јама е поранешен рудник на јаглен близу Трст, каде што се верува дека на крајот на Втората светска војна југословенските партизани извршиле масовни убиства на членови на фашистичките и колаборационистичките сили, но и на цивили за кои се сметало дека се против новите власти во земјата.

    Точните околности под кои се случиле убиствата, бројот и статусот на жртвите, како и мотивите на извршителите се предмет на долгогодишни расправи меѓу историчарите.

    Во чест на жртвите, во областа е изграден споменик.

    Овој чин предизвика остри реакции од италијанските власти. Премиерката Џорџа Мелони го осуди инцидентот како „навреда за нацијата“, нагласувајќи дека вакви провокации не смеат да останат неказнети. Локалните власти, во координација со истражните органи, веднаш започнаа истрага, а според првичните информации, камерите за надзор би можеле да помогнат во откривањето на сторителите.

    Истовремено, овој инцидент се случи во момент кога Италија и Словенија ја слават соработката во рамките на проектот „Гоу! 2025“, кој има за цел културно и историско помирување. Италијанскиот претседател Серџо Матарела, кој присуствуваше на свечената манифестација, индиректно ја коментираше ситуацијата, потенцирајќи дека „историјата што ја градат Италија и Словенија заедно не може да биде поништена со акти на вандализам“.

    По инцидентот, градоначалникот на Трст, Роберто Ди Пјаца, лично помогна во отстранувањето на графитите, заедно со работниците задолжени за подготовка на денешната церемонија.

    Политичките реакции беа жестоки и од сите страни. Министерот за култура Алесандро Џули ја посети јамата и во книгата за гости остави порака: „Никој не може да ја вандализира вистината“. Шефот на дипломатијата Антонио Тајани истакна дека ова е „удар врз нашата меморија“, додека министерот за внатрешни работи Матео Пјантедози вети најстроги санкции за одговорните.

    Локалните власти не ја исклучуваат можноста дека зад нападот стои организирана група. Дел од словенечките културни кругови сугерираат дека бројот „161“ во графитите можеби упатува на екстремно левичарски групи.

    Овој инцидент дополнително ги разгоре политичките тензии, а настани поврзани со сеќавањето на жртвите продолжуваат да предизвикуваат поделеност во италијанското општество.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира