В. д. директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов вели дека приориет му е борбата со затворската полиција и дека сите затворски полицајци, како што рече, со валкани значки, ќе се најдат зад решетки. Пандов и директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) Сашо Клековски денеска имаа прес-конференција за озможување стекнување со здравствено осигурување на лица кои што моментално се во затворите, и говореше за случајот со пронајдениот телефон кај 20-годишниот Васил Јованов, кој е во притвор во „Шутка“ откако на 29 јануари со автомобил ја усмрти 22-годишната Фросина Кулакова на булеварот Партизански одреди во Скопје.
Пандов кажа дека после тој викенд НА 1-2 февруари, кога беше пронајден телефонот кај Јованов, веќе во понеделникот од Интервентната полиција направиле претрес во притворскиот дел и пронашле 70 телефони. Два-три дена подоцна нашле во други ќелии 35 телефони.
„Вчера во затворот ‘Шутка’, во полуотвореното и отвореното одделение пак најдоа околу 30 и нешто телефони и тоа се бројки кои мене ме загрижуваат. Како споредба, во понеделникоТ, Интервентната единица од Штипскиот затвор беа да направат контрола во Струмица. Таму има 105-100 затвореници и беа пронајдени само 3 телефони. Во ‘Шутка’, има дел затворски полицајци кои никако не треба да носат униформа и тие го срамат и затворот ‘Шутка’ и цел затворски систем и треба да им биде јасно дека тие до еден ќе бидат фатени и ќе бидат избркани од работа и ќе се потрудам со цел мој авторитет и во Обвинителство и во судство тие да се најдат позади решетки. Затоа што тоа што го прават е подривање на системот, си играат со многу опасна работа“, рече Пандов и додаде:
„Нема поопасна работа од тоа затвореник да има телефон. Во последните акции што беа од МВР, се испостави дека одредени ликови кои се се во затворите, тие биле на чело на нивните кланови, банди и со нив командувале внатре во затворите. Оваа борба против затворските полицајци со валкани значки ми е прироритет и нема да попуштам. Имаме две интервентни единици, јас им верува на нив, затоа што има разлика кога тие вршат претрес, а не затворската полиција“, рече Пандов.
Б. НЕСТОРОСКА