Моликата (Pinus peuce) е ендемичен вид иглолисно дрво кое расте само на Балканскиот Полуостров. Освен на Пелистер, едно од најзначајните живеалишта на моликата, која некаде се среќава и под името елов бор или македонски бор, е Националниот парк (НП) „Шар Планина“. Овој вид е значаен за биодиверзитетот на регионот и има клучна улога во еколошката рамнотежа на шумските екосистеми. Во 2024, стручните служби од „Шар Планина“ направиле мониторинг за следење на популацијата и здравствената состојба на моликата, а биле идентификувани и главните закани за овој вид.
„Во 2024 беше извршен мониторинг на ендемичниот вид Pinus peuce (молика) во Националниот парк ‘Шар Планина‘. Моликата се наоѓа на височина од 1.700 до 1.900 метри, на терени со калциски и доломитни почви, кои обезбедуваат идеални услови за нејзин раст. На Шар Планина се наоѓа на локалитетите Јелачки Врв и Плат на површина од 3-5 хектари од фрагментиран карактер, распослан под врвовите на локалитетите. Од аспект на зачувување, шумите во кои доминира овој вид се вклучени во Анекс I на Директивата за живеалишта 92/43 на Европската Унија како високи оро-медитерански борови шуми. Македонските борови шуми исто така беа оценети во Проценката на Црвената листа на европските живеалишта како речиси загрозени, во рамките на типот на живеалиште G 3.6 медитерански и балкански субалпски Pinus heldreichii-Pinus peuce шуми“, се вели во извештајот од направениот мониторинг на овој простор.
Причината зошто моликата успева само на одредени површини е составот на земјиштето кое треба да има одредени карактеристики поволни за раст.
„Најважните типови на почви на кои овој вид се развива се варовничко-доломитни црници. Овие почви се богати со минерали како калциум и магнезиум, што создава поволни услови за раст. Почвата е добро дренирана, но истовремено има способност да задржи влага, што е клучно за растот на овој вид“, се посочува во извештајот.
Но, како и за многу други растителни и животински видови, така и за моликата потребно е да се преземат повеќе заштитни мерки за да се спречи намалувањето или изумирањето.
„Меѓу долгорочните мерки за опстанок на моликата во НП ‘Шар Планина‘ потребно е да се преземат соодветни мерки за заштита, како контрола на човечкото влијание, посебно можноста за предизвикување пожари во реоните каде што е популацијата на моликата, заштита на калциските и доломитните почви, контролирано користење на водните ресурси во локалитетот Лешница и да нема користење на дрвната маса од овој вид. На местата каде е намалена популацијата да се изврши рехабилитација преку засадување на примероци од видот и, што е многу важно, да се подигне свеста кај локалните заедници и посетителите на паркот за важноста на моликата и за заштитата на нејзиното природно живеалиште“, советуваат од НП „Шар Планина“.
Активностите на НП „Шар Планина“ за опсервација на популацијата на моликата, но и на другиот растителен и животински свет се очекува да продолжат и во оваа и во наредната година.
З. АНДОНОВ