Министерот за надворешни работи Сергеј Лавров ќе ја предводи руската делегација на разговорите со САД во Саудиска Арабија, а во неговиот тим ќе биде и Јури Ушаков, советникот на Владимир Путин за надворешна политика.
Кремљ потврди дека средбата ќе се одржи утре во Ријад и притоа ќе се разговара и за подготовките за средба Трамп-Путин. Ова ќе биде прва директна средба помеѓу високи функционери на двете земји по повеќе години пауза, а делегацијата на САД ќе ја сочинуваат државниот секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност Мајк Волц и специјалниот претставник за Блиски Исток, Стив Виткоф.
Рубио и Лавров викендов имаа и телефонски разговор.
„Разговорите имаат за цел да обноват цел комплекс на американско-руски односи, да се подготват можни преговори со Украина и да се договори средба Путин-Трамп во блиска иднина“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
„Блумберг“ објави дека Путин составил преговарачки тим на високи функционери, во кој ќе бидат и шефот на разузнавањето Сергеј Наришкин и извршниот директор на Рускиот фонд за директни инвестиции Кирил Дмитриев.
Лавров кажа дека за Европа нема место на преговарачката маса.
„Не знам што би барале таму. Ако мислат да молат за замрзнување на конфликтот, додека навистина мислат да го продолжат, тогаш зошто би ги канеле Европејците“, изјави Лавров.