Сѐ уште не се знае од кога учениците со попреченост во средното образование ќе добијат образовни асистенти. Министерката за образование и наука Весна Јаневска на 10 септември лани, рече дека очекува најрано да почнат од јануари 2025, но родители на ученици со попреченост велат дека ни во второто полугодие од учебната 2024/2025 нема образовни асистенти.
Од Министерството за образование и наука (МОН) сега велат дека новиот Закон за средно образование е во владина процедура и наскоро повторно ќе биде доставен во Собранието на понатамошна дискусија и усвојување.
„Истиот предвидува ангажирање на образовни асистенти и во средните училиште. Додека, измените на Законот за основно образование, како и новиот Закон за стручно образование и обука се усвоени во декември 2024 година“, ни рекоа од МОН.
Јаневска лани во септември најави дека се подготвуваат новини во новите закони за основно, средно и средно стручно образование, а една од нив е што ќе се обезбедат асистенти и за средно училиште, нешто што досега го немаше.
- СИТЕ МИНИСТРИ ВЕТУВААТ, А СО ГОДИНИ НЕМА ОБРАЗОВНИ АСИСТЕНТИ ЗА СРЕДНОШКОЛЦИТЕ СО ДАУНОВ СИНДРОМ – ПОДКАСТ СО АНЧЕ ТУФЕКЧИЕВА, МАЈКА НА ДЕТЕ СО ДАУНОВ СИНДРОМ
- ОД ЈАНУАРИ ЌЕ ИМА ОБРАЗОВНИ АСИСТЕНТИ ЗА УЧЕНИЦИТЕ ВО СРЕДНИТЕ ШКОЛИ, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ЈАНЕВСКА
„Законот многу скоро ќе биде ставен на расправа, потоа има процедура да помине на Влада, да се поднесе во Собрание. Многу скоро ќе биде ставен, сите ќе може да го видат и да дадат сугестии и забелешки и најрано што очекувам е тие да почнат со работа во јануари 2025“, рече тогаш Јаневска одговарајќи на новинарско прашање.
Меѓу новините во законите е што се дава можност асистентот да го следи ученикот за време на целото образование, освен ако не престане потребата, ако асистентот си замине или на инсистирање на родителите, ако сметаат дека може да постигне успех со друг асистент.
Јаневска на 5 септември кажа дека за оваа учебна година се обезбедени 815 образовни асистенти, за останатите 200 асистенти се чекаше на ребалансот на буџетот, за да се обезбедат средства.
„Министерството за образование и наука ја заврши својата задача, а конкурсите за ангажирање на асистентите е обврска на училиштата со ресурсни центри и нивна задача е да планираат кога да го распишат и објават конкурсот. Зошто поставуваме директори на училишта, ако не си ги знаат своите основни обврски?“, рече Јаневска, додавајќи дека годинава бројот на образовни асистенти е значително поголем за разлика од претходните години.
„Ако има потреба, зависно од барањата на родителите, следната учебна година ќе ангажираме уште поголем број“, рече министерката на почетокот на септември.
Во подкастот „За секого по нешто“ на на САКАМДАКАЖАМ.МК, Анче Туфекчиева, претседателка на здружението „Вера“ од Струмица кое нуди помош и поддршка на лицата со Даунов синдром и нивните семејства и мајка на девојка со Даунов синдром, вели дека вистинско инклузивно општество ќе имаме само ако вистински работиме.
Нејзината ќерка е втора година во средното училиште „Јане Сандански“ во Струмица, отсек јазична гимназија. Таму е само четири часа, бидејќи за толку е ангажиран личниот асистент кој го има веќе три години на сметка на Општината.
„Закон за средно инклузивно образование уште нема, иако министерката за образование најави дека од второто полугодие ќе биде донесен законот и лицата со попреченост вклучени во среднотото образование ќе имаат образовен асистент. Не знам што се чека и зошто не се носи, кога сите акти се готови. Како родители уште чекаме. Тоа е на штета на нашите деца, бидејќи образовниот асистент ќе има насоки од стручниот тим на школото и од професорите како и во кој дел ќе помагаат при совладување на наставниот материјал“, вели Туфекчиева за проблемот кој трае со години.
Б. НЕСТОРОСКА