Скопје, 30 март, 2016 (САКАМДАКАЖАМ.МК) Двајца началници од УБК и ексминистерката на МВР се осомничени дека во првата половина на 2015, уништиле средства за следење на комуникациите.
За еден осомничен е побарана мерка притвор, а за четворица, вклучително и на тогашниот министер за внатрешни работи Гордана Јанкулоска е побарано одземање на пасошите. Во текот на конференцијата беше кажано дека првоосомничениот по кого полицијата трагаше се пријавил и околу 13 часот ќе се појави во Основен суд 1.
Обвинителката Ристоска рече дека до сега не се случило судија на претходна постапка да не се согласи со барање на обвинител да издаде наредба за претрес во домот на осомничениот. „Тоа е без преседан во досегашната судска пракса“, рече Ристоска.
Според СЈО, опремата за прислушување лани во март била уништена. Системите за следење на комуникациите биле товарени во возила на МВР и однесени на отпад за старо железо. Ставени биле во преса и пресувани.
Специјалното јавно обвинителство вчера побарало судски налог за претрес на домот на началникот на Управата за безбедност и контраразузнавање Горан Грујоски, но судијата одбил ваквото барање. Исто така е одбиено и барањето за притвор на осомничениот.