Владимир Путин кажа дека е отворен да им понуди на САД пристап до ретки минерали, вклучувајќи и од окупираните делови на Украина.
Доналд Трамп и Белата куќа во изминатиот период агресивно ја притискаа Украина да го потпише договорот за ретки минерали, според кој САД би добиле пристап до украински природни богатства во вредност од 500 милијарди долари како компензација за американската поддршка во војната против Русија. Украина и Трамп вчера кажаа дека се блиску до потпишување договор.
„Подготвен сум да им понудам природни богатства на американските партнери во заеднички проекти, вклучувајќи ископувања на новите руски територии“, кажа Путин, алудирајќи на незаконски анектираните региони во Украина.
Тој додаде дека двете земји би можеле да соработуваат и во производството на алуминиум во Краснојарск во Сибир и неговиот извоз во САД, со цел да се стабилизираат цените.
„Можен договор САД-Русија за ретки минерали не треба да создава загриженост зашто Русија несомнено располага со значително повеќе вакви ресурси од Украина. Исто така, сакаме да привлечеме странски партнери и на нашите историски територии кои ѝ беа вратени на Русија“, рече Путин.
Покрај САД, и Европската Унија му понуди на Киев свој договор за ретки минерали. Еврокомесарот за индустриска стратегија Стефан Сежурне изјави дека им го доставил ривалскиот предлог на украинските власти при вчерашната посета на Киев.
Украина проценува дека околу 5% од светските резерви на критичните сурови минерали се наоѓаат во земјата. Сепак, дел од овие резерви беа заземени од руските сили во изминатите години.