Владимир Путин го посети регионот Курск, каде што руските сили во изминатите денови забрзано напредуваа во обид да ги истераат украинските сили од територијата на Русија. Шефот на генералштабот на руската војска Валери Герасимов притоа изјави дека руските сили успеале да ја повратат контролата врз сите 1.100 квадратни километри, што Украина ги имаше заземено во август минатата година.
Герасимов кажа дека руските трупи заробиле околу 430 украински војници во Курск.
„Увидувајќи ја залудноста на понатамошниот отпор, украинската војска почна да се предава. Заробени се околу 430 војници“, изјави Герасимов.
Облечен во војничка униформа, Путин додаде дека заробените украински војници ќе бидат третирани како терористи, согласно законите на Руската Федерација.
„Тие би можеле да се соочат со судење во руските судови и да поминат децении зад решетки“, кажа Путин.
Украина ги изненади Русија и светската јавност кога август покрена офанзива во рускиот регион Курск и за кратко време зазеде територија од 1.370 квадратни километри и околу сто населени места. Киев сметаше дека на овој начин ќе го растовари фронтот во источна Украина зашто Русија ќе мора да префрли сили оттаму, а освоената територија би служела за размена во иднина. Сепак, Путин ја отфрли можноста за размена на територии и вети дека украинските сили ќе бидат истерани од Русија.
Шефот на украинската војска Олександр Сирски вечерва навести дека дел од украинските трупи се повлекле од Курск.