ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ ПОЧИНА САРА ПРОЈКОВСКА, ПРОФЕСОРKA НА ФМУ И ПРИДРУЖЕН ВОКАЛ НА „ДНК“

    ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ ПОЧИНА САРА ПРОЈКОВСКА, ПРОФЕСОРKA НА ФМУ И ПРИДРУЖЕН ВОКАЛ НА „ДНК“Сара Пројковска, професорка по пијано на Факултетот за музичка уметност, која пееше придружни вокали во групата „ДНК“ почина во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. (Фото: Фејсбук)

    Сара Пројковска, професорка по пијано на Факултетот за музичка уметност, која пееше придружни вокали во групата „ДНК“, почина во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани каде ноќеска настапуваше со групата, објави ФМУ.

    „Ве известуваме дека нашата колешка, вонреден  професор м-р Сара Пројковска,  го загуби животот  во невидената трагедија во Кочани.  Нашата Сара, полна со љубов, живот и музика, лавица и добрица“, пишува на објавата на ФМУ.

    Нејзината колешка Ана Костадиновска, која исто така пее придружни вокали за „ДНК“ и е професорка во средното музичко училиште, е во стабилна состојба и е на домашно лекување, потврди семејството на Костадиновска за САКАМДАКАЖАМ.МК

    Пројковска беше самохрана мајка на две деца. Таа пееше придружни вокали на речиси сите поп пејачи во Македонија. Нејзиниот поранешен сопруг, џез трубачот и наставник по труба, Александар Николовски, почина на 48 години во 2021.

    Во пожарот во кочанската дискотека почина и тапанарот на ДНК Ѓорги Ѓоргиев од Струмица, а повреден е Владимир Блажев-Панчо од групата, кој има изгореници на лицето и на раката и е на кислородна поддршка, хоспитализиран на Клиничкиот центар во Скопје.

    Бројот на загинати лица во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани досега е 59 лица, на возраст од 14 до 25 години, од Скопје, Штип, Кочани, Пробиштип. Меѓу загинатите има и полицаец од Пробиштип кој вечерта бил на должност во дискотеката, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. За четири лица распишана е потерница, а колку лица досега се приведени Тошковски не кажа. Од 59-те починати идентификувани се 35 лица, од кои 31 лице е од Кочани, а 4 од Штип.

    155 се хоспитализирани во различни здравствени установи низ државата, a 27 повредени кои се во критична состојба ќе бидат пренесени на лекување во Бугарија, Турција, Грција и во Србија, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира