Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференција кажа кочанската дискотека „Пулс“ немала лиценца за работа, а и работела во објект наменет за лесна индустрија.
Тој додаде дека во текот на денот ќе има многу лица кои ќе бидат приведени, вклучувајќи ги МВР и други институции. Ќе се апсат сите што се одговорни, и бивши и сегашни, кажа тој.
Во реонот на тетовско се приведени повеќе лица, меѓу кои и еден поранешен министер, две лица се приведени од министерството за економија. При претреси кај нив се одземени парични средства и оружје.
Тошковски рече дека во СВР Скопје и СВР Тетово се приведени 5, а во Штип 13 лица, меѓу нив и три лица од Државниот пазарен инспекторат, едно лице од Инспекторатот за труд, сопственикот на објектот, членови на обезбедувањето, сопственикот на агенцијата за обезбедување, продавачот на карти и други лица вработени во објектот -дискотека без дозвола за работа. Одреден е краткотраен притвор за 11 лица.
„Утврдено е дека правното лице што ја работело дискотеката нема лиценца за работа. Сопственикот на дискотеката ‘Пулс’ при контрола на надлежните органи на 13 март 2024 година приложил фалсификувана лиценца. Таа е издадена од Министерството за економија и во регистерот оваа дискотека нема важечка лиценца“, кажа Тошковски за дискотеката каде што во пожар загинаа 59 лица од 14-25 години.
Потоа и тој ги наброја констатираните неправилности во објектот-диско. Тоа не само што немало лиценца, туку работел во објект наменет за лесна индустрија. Како што кажа и државниот обвинител Љупчо Коцевски, Тошковски нагласи дека во објектот имало само два противпожарни апарата, немало излезни врати за евакуација, дека концертот на групата ДНК се одвивал на диво, бидејќи немало писмен договор меѓу изведувачите и сопственикот.
Концертот не ни бил пријавен во МВР како настан, рече Тошковски и затоа не е обезбедуван. Башка што полицијата, рече, нема обврска да врши обезбедување пред секој клуб, евентуално само по барање на организатор на концерти.
Во локалната полиција не било пријавено ни дека ќе се користат пиротехнички средства, а законот, иако уште од Југославија, бара задолжително пријавување во полиција употреба на пиротехника.
Во разговор со член на групата ДНК, тој кажал дека пиротехничките средства ги донел бендот, а лицето задолжено за нивна употреба, е починато.
„Вечерта за време на концертот, вршена е контрола согласно акциски план, а полициските службеници влегле неколку минути пред да започне пожарот. Полицискиот службеник кој беше обвинет дека требало да го прекине настанот е тој кој загинал затоа што помагал на лицата да ги изнесе од објектот. Другите полициски службеници биле поблиску до излезот и за среќа се преживеани“, кажа министерот за прозивките – што барале затекнатите полицајци вечерта во дискотеката.
С. К. ДЕЛЕВСКА