НАД 24 ЖРТВИ ВО НАПАДИТЕ НА ИЗРАЕЛ ВРЗ ГАЗА, ПОВЕЌЕТО СЕ ЖЕНИ И ДЕЦА

    НАД 24 ЖРТВИ ВО НАПАДИТЕ НА ИЗРАЕЛ ВРЗ ГАЗА, ПОВЕЌЕТО СЕ ЖЕНИ И ДЕЦАИзраел минатиот месец го прекина примирјето со Хамас и ја обнови својата воздушна и копнена офанзива. (Фто: АП)

    Во израелските напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 24 лица, од кои над десетина жени и деца, соопштија локалните здравствени власти, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е на пат кон САД за средба со претседателот Доналд Трамп за војната. Израел минатиот месец го прекина примирјето со Хамас и ја обнови својата воздушна и копнена офанзива, изведувајќи бранови напади и заземајќи територии за да изврши притисок врз милитантната група да прифати нов договор за примирје и ослободување на преостанатите заложници.

    Израел повеќе од еден месец го блокираше и увозот на храна, гориво и хуманитарна помош на крајбрежната територија која е многу зависна од надворешна помош.

    Најновите израелски напади ноќеска погодија шатор и куќа во јужниот град Кан Јунис, при што загинаа пет мажи, пет жени и пет деца, според болницата Насер, која ги прими телата. Меѓу загинатите е и една новинарка заедно со нејзиниот син и петмина членови на семјеството .

    Нетанјаху утре ќе се сретне со Трамп по вторпат откако тој го започна својот нов мандат во јануари. Премиерот рече дека ќе разговараат за војната и за новата царина од 17 отсто наметната на Израел, дел од опсежната глобална одлука на новата американска администрација. САД, посредници во напорите за прекин на огнот заедно со Египет и Катар, минатиот месец изразија поддршка за продолжувањето на војната од Израел.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира