Финансиските пазари забележаа пораст откако Доналд Трамп објави 90-дневна пауза на царините за земјите кои не ѝ се одмаздија на Америка. Во исто време, тој ги зголеми царините за Кина на 125%, откако таа денеска им возврати на САД со царини од 84%.
„Бидејќи Кина не покажа почит кон светските пазари, ги зголемувам царините за Кина на 125%, што веднаш стапува во сила. Се надеваме дека во одреден момент во блиска иднина Кина ќе сфати дека деновите на рушење на САД и другите земји повеќе не се одржливи или прифатливи“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.
Тој притоа кажа дека повисоките царини што денеска почнаа да се применуваат ќе бидат одложени за 90 дена, при што во тој период ќе се применува универзална намалена реципрочна царина од 10%. Таа ќе важи за сите земји, освен за Кина, потврди Белата куќа.
„Спротивно на Кина, повеќе од 75 земји се јавија кај претставници на САД за да преговараат за решение за темите поврзани со трговија, трговски бариери и царини и не им возвратија на САД на кој било начин или облик“, додаде Трамп.
Министерот за финансии Скот Бесент појасни дека и Канада и Мексико се вклучени во основната царина од 10%.
„Царините за Кина се зголемени на 125% зашто таа инсистира на ескалација. Спремни сме да ислушаме секоја држава која сака да преговара. Паузата од 90 дена е воведена зашто Трамп сака да биде лично вклучен и да приспособи секој договор поединечно, а за тоа треба време“, кажа Бесент.
Трамп прво ги зголеми царините за Кина на 54%, па на 104%, но Пекинг не отстапуваше во трговската војна и во изминатите денови двапати им возврати на САД со нови, повисоки царини.