Со новиот Детален урбанистички план (ДУП) за УЗ 2, УБ 2.3 – опфат 7 на местото на објектот на градинката „Јасна Ристеска“ во Охрид е предвиден објект со многу поголем обем. Објект кој ќе го узурпира целиот зелен простор, дворот, игралиштето и ќе има уште еден кат, реагираат од од граѓанската организација Охрид СОС.
Дополнително, прашуваат кој дозволува или воведува и комерцијални простории во објект кој е јавен и каде секојдневно престојуваат мали деца.
„Изготвувачите на планот, но и архитектите кои се дел од Секторот за урбанизам при Општина Охрид воопшто не ги испочитувале авторите на објектот – двајца значајни охридски, но и македонски архитекти, нити нивното дело битно за десетици генерации охриѓани, не ја испочитувале нивната визија, амбиенталниот момент кој го има градинката, па решиле да вцртаат уште еден огромен објект безмалку колку целата катастарска парцела“, велат од Охрид СОС.

Централната градинка „Јасна Ристеска“ е изградена во 1971 се наоѓа во центарот на градот, во непосредна близина на објектот на Општина Охрид, проектот е дело на Димитри Зарчев и Викторија Поп-Стефанија. (Фото: Охрид СОС)
Од Општина Охрид велат дека е почната постапка за носење на нов Детален урбанистички план за овој опфат од градот.
„Деталниот урбанистички план со опфат на делот од градот за кој прашувате е донесен во 2008 година. Општина Охрид нема ингеренции над објектите од Здравствениот дом или поранешната Маларична болница кои се лоцирани на овој потег. Од моментот кога е донесен Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, сите постоечки урбанистички планови и целокупното урбанистичко планирање во Охрид се усогласуваат со овој план и препораките од УНЕСКО. Веќе е отпочната постапка за носење на нов Детален урбанистички план за овој опфат од градот, на кој се однесува вашето прашање. Процедурата е на самиот почеток, па затоа сè уште не може да дадеме прецизни податоци за видот или изгледот на објектите кои ќе бидат дел од планот. Во текот на самата постапка истиот ќе биде даден на увид на јавноста“, велат од Општина Охрид.
Централната градинка „Јасна Ристеска“, изградена во 1971 година се наоѓа во центарот на градот, во непосредна близина на објектот на Општина Охрид. Проектот е дело на Димитри Зарчев и Викторија Поп-Стефанија, автори на многу проекти и реконструкции во Охрид, но и во останатите градови низ Македонија. Квалитетот и оригиналноста на нивните креации се наградени со бројни признанија, меѓу кои најзначајни се „Борбина плакета“ за хотел „Метропол“ во Охрид во 1975 и „Специјално признание на БИМАС“ за реконструкција и ревитализација на „Рибен ресторан“ во Охрид во 1979.
„Наместо ставање на листата на архитектонско културно наследство на Охрид од втората половина на минатиот век, односно периодот на модерната, постои опасност објектот на градинката да биде уништен, заедно со градската куќа во непосредна близина, старата училишна зграда и паркот во соседното основно училиште ‘Григор Прличев’ како и објектот на Маларична. Не смееме да дозволиме да се загуби уште еден вреден објект од модерната, а Охрид дополнително да загуби значајно културно наследство и дел од својата колективна културна меморија“, додаваат од Охрид СОС.
С. ВРЕНЦОВСКА